Македонија
Мицкоски: Граѓаните да се чувствуваат безбедно, Владата обезбедува сигурна европска држава со подобра економија и повисоки плати
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека граѓаните треба да се чувствуваат мирно и безбедно, безбедносната состојба е стабилна, а Владата носи подобра економија, повисоки плати и го враќа достоинството што изминатата влада од СДСМ и ДУИ го распродаваше.
„Додека Мисовски размислуваше дека Талат Џафери за него е идол и инспиративен спикер на Собранието, изнесе навреди и квалификации. Чувствувајте се безбедно, се надевам, по овие години минати во парламентот, минати на грбот на граѓаните, ќе имате богата новогодишна и божиќна трпеза и ќе уживате во мирот и безбедноста што оваа Влада предводена од коалицијата ‘Твоја Македонија’ и ВМРО-ДПМНЕ, во која составен дел се и коалицијата ‘Вреди’ и ЗНАМ, овие денови ќе ви бидат безбедни и мирни, не треба да се грижите и за годините што следуваат“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Горан Мисовски поврзано за безбедносната состојба.
Мицкоски му порача на Мисовски да ги повика на одговорност сите оние што му биле идоли и коалициски партнери да се вратат и да дадат одговор пред органите поради криминалот за кој постојат основани сомневања дека го правеле.
„Во оваа мирна и безбедна Македонија ќе можете да се почувствувате и вие горди кога овие 3 % раст од економијата во третиот квартал, сега во четвртиот ќе бидат 4 %. Буџетскиот дефицит ќе биде помал од 4 %, што ќе се намали првпат по многу години јавен долг. Ќе ги гледате среќните лица на пензионерите, кои ќе добијат покачување од 5.000 денари, ќе ги видите радосните лица на вработените во јавната администрација, кои првпат ќе имаат К15, средства што, за жал, вие не ги предвидовте“, изјави Мицкоски.
Додаде дека во безбедна и мирна Македонија вработените во образованието и здравството добиваат повисоки плати и може да си дозволат повеќе од она што го можеа изминативе 7 години кога владата беше на СДСМ и ДУИ, а исто така сега со новата Влада има рекордни откупни цени за земјоделците.
„Ќе гледате како министрите од оваа Влада, која обезбедува безбедна и сигурна европска Македонија, се борат да го вратат достоинството што вие го распродадовте изминативе седум години. Разбирам дека ова вас не ви значи ништо. Ние ќе се бориме да го повратиме она што го распродадовте и секоја година малку по малку ќе дојдеме до тоа што му е потребно на македонскиот граѓанин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

