Македонија
Мицкоски: Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а послушниците на власта од аферата „Паразити“ книжат илјадници евра месечно
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на општина Зрновци, истакна дека во тешки времиња кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, лицата што се слепи послушници и главоклимачи на власта на СДСМ и ДУИ и се споменуваат во аферата, книжат илјадници евра месечно.
„Живееме во многу тешко време, многу сложено време кога народот едвај крај со крај врзува од 1-ви до 1-ви. Навистина многу тешко време со многу предизвици пред сѐ економско-социјални и кога сето тоа ни се случува, кога гледаме дека луѓето едвај го поминуваат месецот имаме една мала група на наши сограѓани, слепи послушници на власта на СДСМ и ДУИ кои што книжат месечно илјадници евра, а годишно стотици илјади евра и тоа го прават без срам, без ни малку чуство за тоа што граѓаните буквално мизеруваат. И наместо да се солидаризираат, слушам вчера еден од тие вели, па мала била директорската плата од 80, 90, 100 илјади денари. Јас сум редовен професор на Универзитетот и мојата плата е двојно помала од таа. Јас сум редовен професор избран 2019-тата година и мојата плата како доктор на науки, како редовен професор кој што треба да биде педагог и образува луѓе е двојно помала од таа. Сега замислете со што заслужил овој слеп послушник и главоклимач на власта да има двојно поголема плата од редовен професор, можеби тројно поголема плата од просечната во државата и неколкукратно поголема плата од работниците кои што 8 саати поминуваат на своите работни места за да ги прехранат своите семејства. Тажно и жално“, истакна Мицкоски.
Тој исто така праша и дали премиерот Ковачевски се чуствува лошо како кога ја предаваше Македонија и сега кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а тие околу него се богатат на грбот на народот.
„Кога зборува Ковачевски дека чуствува како со нож да го боделе кога ја предаваше Македонија и македонскиот идентитет. Не знам како му е сега чуството кога гледа како граѓаните едвај крај со крај врзуваат, а неговите околу него се богатат на грбот на тие граѓани и дали сега има мачнина и тежина во стомакот и дали сега го бодат со нож или тоа само кога ја предава Македонија и тогаш само го чуствува тоа чуство. Тоа сакам да го прашам, еве од овде од Зрновци каде што луѓето споделија со нас многу тажни судбини и навистина се чудам и им честитам како успеваат да се мотивираат и да продолжат понатаму“, потенцира Мицкоски.
Тој додаде дека решението за ваквата состојба е да се направи една сериозна чистка на овие луѓе и нивелирање на примањата во услови на криза со цел да можат достоинството да го почуствуваат и работниците, а не само неколкумина слепи послушници на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.
Македонија
МНР апелира македонските државјани да го напуштат Иран во прва можна прилика
Министерството за надворешни работи апелира сите македонски државјани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат земјата поради влошената состојба.
„Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика. Истовремено, се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
фото/епа

