Македонија
Мицкоски: Граѓаните знаат, Филипче никогаш не бил со народот, туку со Заев кои ги гледавме како крстарат со луксузни јахти по Егејското крајбрежје
На прагот сме на уште едни избори на кои се носи одлуката за вашата иднина. Ова се избори од кои зависи како ќе се развива вашата општина, вашето маало, вашата улица. Од тоа дали ќе добиете ваш човек кој ќе биде вашиот глас во администрацијата или ќе имате човек и елита која ќе живее на вашиот грб. А, иднината се состои од вашите одлуки денес и од изборите кои ги правите токму денес, порача до македонските граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Кратово во рамките на кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за локалните избори кои ќе се одржат во недела на 19 октомври.
Мицкоски изрази убедување дека и граѓаните знаат дека коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор и опција која нема да разочара и која секогаш е со народот.
„Од другата страна имаме измамници во политиката, луѓе кои со децении изградија кариери и бизниси на штета на државата и на штета на заедничкиот интерес на граѓаните. Со едниот избор одите напред, а со другиот се враќате назад кон темното минато на договори во четири очи, срамни отстапки за идентитетот. Во времето кога најважно беше врхушката на власт да биде ситуирана, а народот гладен. Тоа се политичарите коишто ги украдоа сите наши заеднички соништа и донесоа сиромаштија и направија гладен народ. Нашите конкуренти немаат програма, никој не им ја видел, затоа што на овие избори дојдоа со празни и лажни ветувања. Така произволно дадени, потценувајќи го народот, а јас ви велам, мерете не по делата и програмата која ја нудиме, туку по она коешто вие чувствувате дека ние го правиме.
Мицкоски додаде дека СДСМ и нивната коалиција покажаа дека го потценуваат народот излегувајќи на овие избори во оваа кампања со тоа што од првиот ден, па се до денес водат исклучиво само црна кампања.
Мицкоски се осврна и Венко Филипче кој вели дек бил со народот, но граѓаните добро знаат дека тој бил со неговиот гуру од Струмица, Зоран Заев кои донесоа најголема сиромаштија за граѓаните а нив ги гледавме како крстарат со јахти по Егејското крајбрежје.
„Филипче вели дека кога било најтешко бил со народот. Што не е вистина, а и сите вие тоа го знаете, тој бил со неговиот ментор и гуру од Струмица и тие заедно двајцата како тандем го донесоа најтешкото време за целиот народ. И кога беше најтешко и кога народот, буквално, мака мачеше како да го помине денот, нив ги гледавме како се луксузираат на скапо платената јахта, крстарејќи по Егејското крајбрежје. И сите знаат дека дебело ќе загубат, а претседателот на СДСМ Венко Филипче, не може ниту сопствени пратеници да ги убеди, па затоа многу тешко можете да видите пратеник од коалицијата која ја предводи СДСМ на митинзите кои ги организира СДСМ и коалицијата“, рече Мицкоски.
Затоа, посочи Мицкоски, разликата помеѓу нив и нас е тоа што ние имаме визија за секое место и општина која ја посетуваме и токму затоа ги повика граѓаните да излезат на гласање во недела и масовно да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заокружувајќи го бројот 9 за кандидатите за градоначалници и советничките листи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

