Македонија
Мицкоски: Додека Стево се прави Мајка Тереза, му стигна одговор од американската „Фридом хаус“ која го потсети дека е дел од корумпираниот систем
„Фридом хаус“ со шамар за ДУИ и СДСМ и лицето кое збор не кажа и нема храброст да зуцне против нив, затоа што очекува поддршка од нив за претседателската трка, туристот Стево. Додека Стево се прави Мајка Тереза, му стигна одговор од американската „Фридом хаус“. И го потсетија дека е дел од корумпиран систем, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
Мицкоски додаде дека Пендаровски е лице и опачина од една иста горчлива приказна.
„И така некако Пендаровски цел свој мандат ќе остане запаметен како човек без свое јас. Ќе ве потсетам освен тоа што ги аминуваше сите штетни договори на двоецот ДУИ – СДСМ по кои две работи ќе остане Стево запаметен. Првата работа, дека Гоце Делчев бил Бугарин и втората, дека ако не бил претседател и тој ќе се иселел од Македонија ајде да му помогнеме на 24 април да почне со пакување на куферите, а потоа на 8 мај слободно нека се сели“, му порача Мицкоски на Пендаровски.
Мицкоски укажа дека актуелниот претседател Пендаровски во суштина е кукавица, иако како што рече се пенави.
„Го слушам Стево пред некој ден во град на границата со нашиот источен сосед се пенави, излегува храбро, а во суштина е кукавица пред тие малкумина кои се уште му аплаудираат. Им вели се сеќавате во 2019 што ви кажав дека ќе победиме, и така им вели, и сега ако не победиме првиот круг очи не сакам да ви видам. Тоа е Стево полтронот, измеќарот на Али Ахмети и останатите. Зарем тој човек ја заслужува народната волја“, праша Мицкоски.
Мицкоски посочи дека имајќи го предвид ова треба да се гласа за Силјановска Давкова, затоа што на Македонија и треба претседател, а не измеќар.
„Затоа потребно е масовно да се излезе и да се гласа за професорката Гордана Силјановска Давкова која е решението за претседател на Македонија. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, и таа до крај се бори за него, затоа што верува во него. Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт. На Македонија и треба претседател а не измеќар на ДУИ“, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дури ни Груби првично не се пожалил на безбедносен ризик – ДПМНЕ преку АНБ и МВР без проценка го испратија дома“, велат од Левица
„Фарсата на ДПМНЕ и Артан Груби оди дотаму што, првично, дури ни самиот Груби не пријавил дека се чувствува небезбедно. Директорот на истражниот затвор јавно соопшти дека нема поплаки, дека е извршен лекарски преглед и дека неговата безбедност е гарантирана. Само неколку часа подоцна, Министерството за внатрешни работи на чело со Панче Тошковски и Агенцијата за национална безбедност со Бојан Христовски, презентираат проценки без воопшто да направат каква било проценка, дека неговата безбедност не може да се гарантира, по што обвинителството го прифаќа тоа како клучен аргумент за замена на притворот со куќен притвор“, велат од партијата Левица.
„Ова отвора сериозно прашање за кредибилитетот и мотивите зад ваквата „проценка“. Ако не постоела конкретна пријава, ако надлежните во затворот тврдат дека безбедноста е обезбедена, тогаш од каде произлегува драматичната промена на наративот во рок од неколку часа? Очигледно, станува збор за конструирано алиби за поблага мерка. Јавноста има право на јасен и аргументиран одговор, не на контрадикторни изјави, а сега и молк од МВР и АНБ.
Но, дури и хипотетички да постои одреден безбедносен ризик, обезбедувањето сигурност во притворските установи е директна надлежност и обврска токму на државните институции. Ако тие проценуваат дека постои ризик, тогаш нивна должност е да го неутрализираат преку засилени мерки на обезбедување, изолација или посебен режим во рамки на затворот, а не магично да ја укинуваат мерка. Во спротивно, државата испраќа порака дека не е способна да го спроведе сопствениот систем на притвор, или дека не сака да го спроведе кога станува збор за високи функционери.
Особено загрижува што станува збор за лице кое 14 месеци беше во бегство и за кое е распишана меѓународна потерница, осомничено за злоупотреби во милионски износи. По секоја правна логика, тоа е отежнителна околност. Наместо тоа, добиваме повластен третман заснован на флоскули од институции под раководство на ДПМНЕ. Прашањето што се наметнува е едноставно: дали истиот стандард би важел за обичен граѓанин? Колку притвореници без политичка тежина добиле куќен притвор затоа што државата не можела да им гарантира безбедност?
Левица оценува дека ваквата одлука создава опасен преседан безбедносните служби да станат инструмент за релативизирање на притворот кога станува збор за политички елити. Безбедноста не смее да биде изговор за привилегија. Ако државата не може да обезбеди сигурност во сопствен затвор, тоа е пораз на институциите. Ако може, а сепак одлучува поинаку, тогаш станува збор за селективна правда. Во двата случаи, одговорноста директно посега по ДПМНЕ“, соопштува Левица.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 16 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа вдолж Повардарјето повремено засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа и во почетокот на следната седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок. Времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, освен во сабота кога ќе има зголемено наоблачување. Од петок по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.

