Македонија
Мицкоски до Ахмети: Политиките на ДУИ ја испразнија Македонија и го намалија бројот на ученици Албанци
На денешниот митинг во Тетово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што се обрати до Али Ахмети каде што посочи дека политиките на ДУИ ја испразниле Македонија и го намалиле бројот на ученици Албанци.
„Јас нема да му одговарам на Али со неговата реторика, иако тој тоа го сака, тој моли да му одговорам на неговата национал романтичарска реторика, јас на народот нема да му кажувам басни, туку реалност. Јас само ќе прочитам факти за неговото 20 годишно владеење. Додека тој говори за приказни, јас говорам за сурова реалноста. За една деценија има 27 илјади помалку ученици во Македонија. Работата на ДУИ значи 200 ученици да има помалку во второто полугодие во школите во Тетово во 2023та година. Во Општина Гостивар – побарани исписници од училиште поради иселување се за 200 ученици во основно и средно образование во 2023та година. Пад на население гледано низ млади ученици кои ја напуштиле државата поради иселување изгледа вака Арачиново: -14%, Липково: – 40 %, Теарце: – 37%, Тетово: – 18%, Боговиње: – 37%, Желино: -28%, Врапчиште: – 32%, Гостивар: – 35 %, Кичево: – 36 %, Струга: – 32%. Ова е суровата реалност коешто го донесе Али и неговото учество, повеќе од две децении во Владата. И после овие порази донесени од тандемот ДУИ СДСМ, уште ли ќе не убедуваат во нивните приказни и басни. Скапо Македонците, и Албанците ја плаќаат нивната неспособност. Затоа Тетово да го издигнеме над она мочуриште политичко што тие го оставија. А изборот којшто го имаат тетовци на овие избори е да живеат со оние коишто само ги слушаат, зборуваат или пак оние коишто работат и испорачуваат“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

