Македонија
Мицкоски до Ајдари: Поради аздисаноста на претходните функционери од вашата партија, буџетот не е во состојба да понуди добри плати за граѓаните
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари истакна дека не е заробеник на проценти и дека јавната администрација се соочува со голем проблем за наоѓање кадар без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци поради аздисаноста на функционерите од нејзината партија и празнењето на државниот буџет што доведе до тоа истиот да не е во состојба да понуди добри плати.
„Поврзано со прашањето и поврзано со примањата во јавната администрација морам да ви признам дека ние денеска во суштина имаме голем проблем да најдеме луѓе коишто ќе работат во јавната администрација без разлика дали тие се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци итн. Имаме отворени конкурси и молиме луѓе да се вработат, но не сакаат бидејќи имаат подобра и подобро платена работа. Верувајте ми, ова ви го кажувам од прво име“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Е сега има вработени како тие од Лотарија на Македонија, најголемиот дел активисти на вашата политичка партија или блиски на активисти на вашата политичка партија кои пак самите си дадоа отказ. По формирањето на новата влада самите си дадоа отказ. Во суштина и не знам дали можам да им дадам статус на вработени бидејќи и не иделе на работа, а добивале плата. И потоа одговорното лице добива кривична пријава и бега, односно директорот. Бега од државата, наместо да дојде да се соочи и да каже зошто е тоа така, тој бега“.
Тој исто така рече дека ваквата состојба е како резултат на примери како на, како што рече, бегалецот кој е на црната листа и кој додека беше на функција мислеше дека оваа држава е негова своевина.
„Еве јас јавно повикувам да има што повеќе апликанти Албанци, повеќе апликанти Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци да влезат во јавната администрација и не сум заробеник на проценти, само да има квалитетни и коишто се мотивирани да работат. Веднаш утре да почнат да работат. Не се пријавуваат нема интерес. Никој нема да дојде за 25 илјади плата. Знаете зошто? Затоа што еден друг бегалец којшто е на црната листа мислеше дека оваа држава е негова своина, си играше фудбалчиња, а по малку и си работеше во Лотарија, па по малку си изнајмуваше простории коишто ги натплаќаше едно 10 пати повеќе од пазарната сума, па малку повеќе си купуваше објекти во центарот на Скопје, туристички агенции за неговото семејство итн“, вели Мицкоски и додаде:
„Така се празнеше и се цицаше државниот буџет којшто сега не може да си дозволи поголема плата и поголеми примања за да можеме да бидеме атрактивни како сектор, за да има повеќе Албанци коишто ќе доаѓаат на работа коишто ќе бидат мотивирани да работат коишто ќе сакаат да работат и коишто ќе придонесуваат заедно со мене, со вас за нашата заедничка унитарна држава. Нема интерес. Никој нема за 22-23 илјади да дојде да работи“.
Мицкоски нагласи дека рамката на законот за правична застапеност е готова и дека се работи на тоа да биде уставен, апликативен и никој во иднина да не може да го оспорува и да прави политички поени на оваа тема.
„Рамката на идниот закон е готова уште пред Нова Година. И да, во рамките на коалицијата во којашто е Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата ВРЕДИ, политичката партија ЗНАМ, се работеше, се разговараше на решение коешто ќе биде уставно. Решение коешто нема да дозволи поедини политички партии, вработувањето коешто е уставно загарантирано да биде предмет на политичка дебата и политички собирање поени на одредени политичари коишто во отсуство на друга тема, немаат друга тема само тоа знаат и етнички ќе ги делиме сега работите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.
Македонија
Иран се соочува со агресија, МНР наместо пддршка да го осуди американско – ционистичкото дивеење, велат од Левица
Политичката партија Левица најостро ја осудува, како што велат од таму, американско-ционистичката агресија врз Иран, вклучително убиството на дел од неговото воено-политичко раководство и масакрите врз цивилното население.
„Ова подивено однесување на екстремно-десничарската администрација на Трамп во соработка со геноцидниот касап Нетањаху претставува флагрантен државен тероризам, газење на меѓународниот поредок, и акт на воена агресија чија цел е дестабилизација на суверена држава и воспоставување на империјална доминација на Блискиот исток. Таквите злосторства против човештвото не можат да поминат неказнети и се директно спротивни на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации“.
Апелираат до МНР и министерот Тимчо Муцунски наместо, како што додаваат, слепа поддршка за оваа дивјачка агресија, да испратат јасна осуда против оваа бесмислена воена агресија со потсетување дека и македонскиот народ во својата историја бил жртва на империјалистичката чизма.
„Република Македонија мора да се позиционира на страната на мирот, суверенитетот и анти-империјалистичката борба, а не да молчи пред злосторствата на суперсилите. Левица останува непоколеблива во својата борба против сите форми на империјалистичка агресија и ќе продолжи да се залага за ослободување на народите ширум светот“

