Македонија
Мицкоски до Груевски: Жалам што се одлучи да правиш јавна пародија, за Македонија не смее да има пазар и договори под маса
По јавните преписки меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и поранешниот претседател на оваа партија, Никола Груевски, Мицкоски повторно со порака до својот претходник.
„Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам“, му пишува Мицкоски.
Му порачува дека нема потреба од дијалог преку медиуми.
„Но, бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ,ќе ти одговорам на ист начин:
Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден, кога ќе се видиме очи во очи, ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш“, вели Мицкоски.
„Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане подолго креирајќи атмосфера, каде што се губи надежта на граѓаните за правда и правдина. Ако ти сакаш раздор, тоа е твоја одлука, на која јас сум подготвен да за спротивставам бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија, која сè повеќе тоне во криминал, каде што се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот нè избира и ние одговараме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018, ова е друго време“, му порачува Мицкоски на Груевски.
„Како велеше, ‘вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе’, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други, кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, пишува Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

