Македонија
Мицкоски до ДУИ: Граѓаните знаат дека манипулирате со моноетнички теми
„Ја разбирам потребата, ваша лична и на политичката опција која ја претставувате, и како координатор и како висок функционер на политичка партија која во минатото имаше главен фокус на јавните набавки, па преку еден момент да се пренасочите кон зелената агенда, па да станете екологисти, па од тука да се префрлите на енергетиката во делот на копање и увоз на јаглен, па на моменти како политичка опција да сте прилично активни во делот на игрите на среќа и конечно на крај, откако дојдовте во опозиција, да се обидете да внесете поларизација во мултиетничко општество како нашето со едноетнички теми“, одговори премиерот Мицкоски на пратеничко прашање упатено до него од страна на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети на денешната седница во Собранието.
Мицкоски посочи дека може да ја препознае стратегијата на ДУИ да влезе во фрикција со ВМРО-ДПМНЕ на моноетнички теми, бидејќи тие процениле дека тоа ќе им донесе позитивни резултати во микро средината каде што функционираат.
„Не именувам, но со голем дел од градоначалниците кои што доаѓаат од вашата политичка опција разговарам и навистина имаме одлична комуникација, затоа што се сите задоволни што прави оваа влада, за сите општини и за сите граѓани. Сите тие велат дека ова повеќе од 20 години додека бевме во влада, нашите не го правеа. Сега дојде таква влада што не ги дели луѓето ниту по етничка ниту по партиска ниту по било каква припадност, туку целта е да испорачува проекти и да работи за сите граѓани“, одговори Мицкоски.
Премиерот истакна дека ги разбира ДУИ за тоа што поларизираат, дека ќе продолжат да се отвораат моноетнички теми и ќе се обидуваат да создадат меѓуетнички конфликт, но дека тоа нема да им успее.
„Фокусирајте се на вистинска испорака кај граѓаните, оваа не е тема која што граѓаните ги удира во глава. Над глава оди. Верувајте. Затоа што знаат дека се манипулирани. Затоа што кога ќе дојдат во центарот на градот Скопје и ќе го видат трговскиот центар Соравија, тогаш си спомнуваат што е позади оваа реторика“, нагласи Мицкоски.
Премиерот посочи дека не станува збор за етнички легитимитет или нелегитимитет, туку дека станува збор за обична дневна политика и злоупотреба на чувствата на граѓаните поради остварување на финансиски бенефит.
„Како влада функционираме со една единствена цел, а тоа е да го направиме сето она што вие повеќе од 20 години не успеавте. За доброто на сите граѓани да се обидеме сите оние празни села кои ги оставивте позади вас, граѓаните кои што ги напуштија во струмичко и во кичевско и во штипско и во гостиварско, барем некој од нив да ги вратиме назад, затоа што тие луѓе почувствувале дека со оваа влада има некаква надеж дека ќе нè биде“, рече Мицкоски и дополни дека тоа ќе биде одговорот на Владата на дестабилизирачката политика на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

