Македонија
Мицкоски до Пендаровски: Kакви планови коваше со Артан, Ковачевски и Ахмети за измените на кривичниот законик и евентуална амнестија на поранешни политичари
„И на митинзите Стево Пендаровски и СДСМ нема ништо да кажат за извештајот на Фридом хаус. И додека научил една празна и често повторувана фраза дека немал ниту една црна дамка во кариерата, во извештајот на американската Фридом хаус седи дека државата каде тој е претседател е силно криминализирана, а новинарите што пишуваат за криминалот се под притисок на властите“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Тетово.
Мицкоски додаде дека „исто така државата на која Стево е претседател, во извештајот стои дека има директно влијание на власта врз правосудните органи и обвинителството“.
„Сте го слушнале ли Стево ова да го осуди или да се огради од тоа? Нема такво нешто. Во извештајот стои дека власта неочекувано направи измени на Кривичниот законик со кој олесни дела и случаи за кои може да се гонат функционери кои сториле престапување на законите“, кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ упати прашања до Пендаровски во врска со тоа какви планови ковал во вила Водно со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци.
„Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Стево Пендаровски треба на ова да одговори па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

