Македонија
Мицкоски до Спасовски: Божиновска е поголема Македонка од сите вас
„Господине Оливер Спасовски, да биде Сања Божиновска дел од македонската Влада треба да е привилегија, затоа што, тоа што она го има на професионален план во енергетиката направено не можете ниту да го сонувате, а камоли па да се приближите“, му порача претседателот на Владата Христијан Мицкоски на Оливер Спасовски на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски додаде дека за разлика од Спасовски кој делел македонски пасоши на белосветски криминалци, министерката Божиновска има долгогодишно работно искуство, а за неа како што рече знае светскиот бизнис крем од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина.
„Нејзината биографија и нејзините постигнувања, се нешто за кое што барем можевте да излезете овдека и да кажете секоја чест за стручноста и за личното портфолио. И сега се доведуваме во ситуација, да е грев ако сме успешни. Се доведуваме во ситуација да зборуваме работи, кои што навистина немаат никаква врска, ниту па јавноста ја интересира, во врска со тоа кое што го води Сања. Еве јас ќе ви кажам бидејќи ја знам долго време, да речеме 12-13 години. Верувајте ми за нејзе знаат светскиот бизнис крем од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Додека имавме политичари во македонската влада, кои што даваа пасоши на белосветски криминалци. Тоа е ваша работа, тоа е директен ваш ресор и за тоа ќе ве напаѓам, ќе барам одговорност. Бидејќи го споменавте Панче Тошковски, ќе барам одговорност за тоа што сте го правеле, тогаш ќе барам одговорност. Сега да зборуваме за работи кои немаат никаква врска со енергетиката, ниту со рударството. Ниту со минералните суровини. Знаевте кои фирми носат јаглен во РЕК Битола и Осломеј. Знаевте? Знаевте кои носеа транспортни траки во РЕК Битола. Требало како МВР да го истражите тоа, бидејќи стигаа информации до вас, стигаше гласот, ние како опозиција зборувавме. Еве два реда позади вас еден поранешен ваш член од вашата влада ќе ви каже, за работи кои немаат никаква врска. Тоа била ваша работа, се надевам дека повторно никогаш нема да ви биде бидејќи тоа што таму го направивте е полошо и од најголемиот дебакл, кои што и се случи на Македонија. Ако вие сте постапувале, место да дават пасоши на светски нарко картели и лидери на такви нарко картели, и сте се фокусирале на тоа што ви е работа да истражите, зошто преку програмата за ФИТР се спонзорираа иновативни методи за креирање пица, вода за пиење, слично, кои носи јаглен, како се носи јагленот, кои врши ископ, како се врши ископ, зошто се плаќа вака, зошто ЕЛЕМ има најмногу договори во четири очи, тогаш ќе ви станело јасно, зошто денес имате 18 пратеника, а на следните избори, прашање е дали ќе имате двоцифрен број на пратеници, ако вака продолжите. Ваша работа била господине Спасовски да утврдите зошто фирми враќале данок на додадена вредност, пријавувајќи лажна консигнација, а празни магацини. Ваша работа било тоа господине Спасовски, не била моја. Ние како опозиција сме зборувале, немојте ова да го правите, немојте господине Спасовски, еве допрел до вас гласот, истражете, вие не сте го работеле тоа. Тоа е господине Спасовски ваша работа. Ќе ви дојде господинот Пекер, да му кажете не благодарам, а не лична карта да му вадите во 11 часот навечер во Драчево. И оние службеници таму кои што преземаат дело заради вас, по две три години што беа во затвор за патни исправи на српски кланови и на македонски кланови, кои што се занимаваат со криминал и корупција. Вие господине Спасовски треба да одговарате за тоа. И ако за тоа нема одговорност, тогаш да ќе барам одговорност. Тоа е работата господине Спасовски за која вие треба да се грижите. Кој каква имал самосвест, што имал самосвест, јас ви кажувам и ви гарантирам и ви потпишувам, дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Запишете го ова. Јас ова ви го кажувам и ви потпишувам да знаете. Заедно седиме тука се бориме и Македонци и Албанци и левичари и десничари, заедно сме во иста влада и работиме за еден интерес, за една кауза, тоа се вика Македонија. И ќе продолжиме да се бориме, нема да застанеме“, кажа премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Опозицијата ја мачи што доаѓа време на одговорност за канабисот
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи за концесиите за канабис и акцијата која се спроведува, истакна дека истата се спроведува подолг период и правдата ќе си дојде на свое место, а опозицијата ја мачи тоа што доаѓа време за одговорност за сите вклучени лица, па им работи меморијата кој што потпишал или направил, воедно посочи дека факт е дека фирма од која се запленија 30 тони има поврзаност со функционер од СДСМ.
„Оваа влада веќе шест лиценци има одземено, од информациите со кои располагам уште неколку ќе бидат одземени во периодот кој следи, контролите продолжуваат, очекувам голем број на лиценци да бидат одземени. Но, исто така за мене е поважно што е правено изминатите години откако главната економска политика на претходната влада се темелеше на давање на лиценци и одгледување на цвет од канабис и да не ги заборавиме 150 денари претплата за МРТ кои потоа пет пати ги наплатија. Тоа беше главната економска политика на претходната влада и нормално ширење на хистерија кога сега од опозиција ја прават без да понудат било какво решение“, потенцираше премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеникот Љупчо Пренџов.
Премиерот Мицкоски нагласи дека факт е дека фирмата во којашто се запленија повеќе од 30 тона цвет од канабис има роднинска поврзаност со висок функционер на опозицијата од минатото односно претседател на локална организација во СДСМ во Ново Село и тоа е факт и никој не може да го побие.
„Не еден килограм, не еден тон, туку 30 тони, факт е дека овие испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но тоа не можам јавно да го зборувам бидејќи е дел од истрагата. Тишината нив ги оптеретува, тие се навикнати на парада, камери, лисици, понижувања, омаловажувања, тие не се навикнати на соопштенија за јавност или кратка изјава и тоа ги мачи затоа што конечно доаѓа времето на наплата на она кое што во назад во времето било погрешено. Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил што потпишал, кој документ, што згрешил тоа е цело време потсвест која ќе продолжи да ги јаде. Сега тие се молат да заврши истрагата побргу за да видат кои се тие, дали се тие или не, дали ќе се покрене постапка овде за одземање имунитет можеби, тоа ги мачи“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека има чувство дека голем дел од нив ќе се изненадат затоа што главната економска политика им се водеше на канабисот и затоа и многу им се тие 18 пратеници кои ги добија.
„Не велам дека имам податоци, но имам чувство дека ќе бидат изненадени за тоа што следува во периодот. А она кое очекувам е правдата да си дојде на свое место и сите одговорни лица да одговараат. Замислете држава во која главната економска политика се темели на канабис, отидоа чекор понапред, сакаа да формираат слободни канабис туристички зони каде ќе биде дозволено користење на марихуана. Овие луѓе и ова им е многу што добија 18 пратеници, после тоа се што направија и тоа им е многу. Не им беше доволно што тони канабис ќе порасне и генерации ќе бидат потенцијални зависници и беа свесни за тоа и решија да направат слободни зони за консумирање на канабис, па спомнуваа Дојран, Охрид и не случајно во тие региони има најмногу плантажи за да нема трошоци за транспорт. На тоа дојде крај и сега следи одговорноста и гарантирам дека одговорност ќе има“, дециден е премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно нагласи дека не случајно акцијата е работена подолг период и не случајно почетокот започна кај нашиот северен сосед и тука има можеби дилема зошто баш таму се појави, а можеби одговорот ќе се најде во новата пи-ар стратешка група која ја води политиката во опозицијата или во хотел Парк во центарот на Скопје.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Пред една недела, уште еден полицаец беше фатен без возачка дозвола.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.

