Македонија
Мицкоски до Филипче: Кажи јавно што мислиш за Зоран Заев, не биди лицемерен
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешниот митинг во Гостивар во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ го повика претседателот на СДСМ, Венко Филипче јавно да каже што мисли за неговиот претходник во партијата Зоран Заев.
Како што укажа Мицкоски, Филипче се срами да каже, а треба јасно и јавно да каже.
„Филипче е лицемерен едно зборува во јавноста, додека истовремено глуми и одработува и кова заеднички планови со него. Го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру, дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија. Нормално не очекувам да даде одговор којшто сите ние добро го знаеме граѓаните. Затоа на овие избори секој човек во животот има момент кога треба да одлучи. Не за политика. Туку за тоа кому му верува, кого го препознава како свој. Кој е тука кога е тешко, кој не се крие кога треба да се одговори, кој го познава твоето маало, твојата мака, твојата борба“, рече Мицкоски синоќа во Гостивар.
Мицкоски ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат и да гласаат за број 9 за подобра и достоинствена иднина.
„Многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце“, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа „нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија. Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

