Македонија
Мицкоски: Државата се соочува со предизвици, удари, со понижувања, со сиромаштија, одрекувања и порекнувања

„Оваа 2022 година одбележуваме точно 32 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, и 129 години од создавањето на историското ВМРО. Овие 32 години се времиња поминати на постојана борба, жртва и работа за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија чиј код, своето постоење и своето делување го има посветено на постоењето и делувањето на Македонија. Таквата причинско последична состојба е папочната врвка која го прави ВМРО сопатник низ времето со сите падови и подеми на нашата Македонија“, се вели во соопштението испратено од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски во кое меѓу другото изразува благодарност до основачите кои се значаен сегмент во сегашното функционирање на партијата.
„Денес ВМРО-ДПМНЕ се враќа на стабилни патеки и заедно со народот повторно се крева. И кога државата се соочува со предизвици, удари, со понижувања, со сиромаштија, одрекувања и порекнувања…. ВМРО-ДПМНЕ природно и разбирливо е предводник на знамето кое обединува, и тоа е обврската која јас ја прифаќам со чест и со целото мое срце. И ако праша некој зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и јас нема да молчиме кога народот страда, кога чувствува несигурност, гнев и трпи понижувања. Тоа се работите кои без малку ги чувствува секој еден човек без разлика на верата и нацијата. Нема да молчиме бидејќи сега треба да бидеме гласни. И ние таа битка ќе ја водиме. И за таа цел вратите на народот се широко отворени. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените“, вели Мицкоски.
„Испраќам порака на обединување против лошата власт и владата која ги загорчува животите на илјадници луѓе“, порача тој и повика утре во 20 часот на протестот за промени пред Владата на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.