Македонија
Мицкоски: Единствено што оди добро во земјоделието се садниците со марихуана на власта
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја посети Битола каде што оствари средби со жителите на населбата Јени Мале и битолско Оризари.
Од опозициската партија пренесуваат дека на средбата со жителите од Оризари, мештаните се пожалиле на игнорирањето од страна на власта.
„Не се исплаќа трудот на земјоделците, нема пласман, а субвенциите доцнат. Единствено добро што оди во земјоделието се оранжериите и садниците со марихуана на власта и ништо повеќе“, констатирал Мицкоски.
На средбата во Јени Мале тој посочил дека државата се наоѓа пред одлука за тоа каква Македонија сакаме и каква Македонија ќе оставиме на идните генерации.
„Претседателските избори не се само обичен избор туку избор од кој зависи судбината на државата, бидејќи работите во реалноста не се добри и не се такви какви што ветуваа од власта. Победа на Претседателските избори ќе значи сигурни предвремени парламентарни избори на кој оваа власт ќе биде детронизирана. Да излеземе сите заедно и да го поразиме Заевизмот кој не влече на дното, а Заевизмот не е само губење на националното достоинство туку и криминалот кој го прават на дневна основа“, потенцирал лидерот на опозициската партија.
Во обраќањето, Мицкоски се осврнал и на состојбите во правосудниот систем.
„Викаа дека немало правда и немало мир, а донесоа преку 2 века казни, а од друга страна оние што е бореа за ИСИС добиваат по 6 години“, истакнал тој.
Мицкоски нагласил и дека власта ветувала подобро здравство и повисоки плати, а како што рекол, во моментов се случува егзодус на кадри кои си заминуваат од земјата.
„Затоа ќе ги смениме работите, ќе донесеме правда, ќе се избориме за подобар живот за сите граѓани. Додека нема правда, ќе нема мир“, порачал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средбите со граѓаните од Битолско.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

