Македонија
Мицкоски: Економијата е во катастрофална состојба, цените растат, а се намалува вредноста на примањата на граѓаните
„Јасна е кондицијата, во првата половина од годината, растот на БДП е далеку од под проектираниот, ако беше проектиран на 3,3 и повеќе проценти, во првата половина е едвај еден и половина. Индустриското производство и веќе и во третиот квартал, на почетокот би рекол и крајот, паѓа драматично со двоцифрена бројка. Говорам тука пред се за преработувачката индустрија“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на општина Ново Село во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Мицкоски додаде дека буџетот на Македонија не се полни според проекциите на власта и параметрите се доста загрижувачки.
„Параметрите кои што ги има економијата во Македонија се загрижувачки, буџетот не се полни онака како што се предвидуваше. Падот е некаде 5, 6, 7 проценти“, појасни Мицкоски.
„Градоначалниците добија известување од министерството за финансии дека дотациите исто така ќе бидат намалени, а еднаш веќе беа намалени. Сега поради тоа што државата и луѓето одговорни да се грижат за функционирањето на државата не ги бива, сега треба повторно да ги казнуваме општините и да ги намалуваме дотациите“, рече Мицкоски.
Посочи дека инфлацијата во Македонија бележи рекорди.
„Инфлацијата бележи рекорди, два пати е поголема од таа во еврозоната. Основните прехранбени продукти се со двоцифрен бро,ј проценти поскапени споредено со истиот период минатата година“, истакна тој.
Мицкоски укажа дека економијата во Македонија е во една катастрофална состојба и она што може да се прокоментира како податок од страна на Бирото за статистика е фактот што примањата кај вработените се со вредност помала за пет проценти споредено со 2022 година. Значи цените растат, а реално, вредноста на примањата се намалува без разлика што номинално има благо зголемување.
„Така што ценам дека се наоѓаме во една навистина терминална фаза, една многу лоша фаза како економија, и ако под итно не бидат преземени чекори кои што ќе значат стабилизација, јас се плашам и можеби во некој подевастирачки сценарија“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На свечена церемонија, утре Пендаровски ќе и’ ја предаде функцијата на Силјановска-Давкова
Во Кабинетот на претседателот, утре – 12 мај ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и претседателот Стево Пендаровски предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија денеска и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. ДИК ќе треба да достави извештајот до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат.
Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
Aхмети тврди дека со челниците на „Вреди“ во јануари потпишале декларација дека ќе владеат само со партии што поддржуваат уставни измени
ДУИ тврди дека и првите луѓе на коалицијата „Вреди“ (Влен), со кои ВМРО-ДПМНЕ договара коалицирање во новата Влада, се потписници на декларација во која уверуваат дека ќе владеат заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата рече дека декларацијата била потпишана во јануари годинава.
Во неа, се наведува дека почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ) носи стратешки и значајни придобивки за нашата земја, а потписниците со обединет глас се придружуваат да одговорат на итната потреба за решавање и стабилност во земјата.
„За овие цели ние како политички партии изјавуваме: ‘Ние, долупотпишаните политички партии, имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Потписи на партиски претставници (наредени по азбучен ред): Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Билал Касами и Изет Меџити“, стои во документот што го прочита Ахмети.
Претпладнево се случи првата рунда на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, по којашто партиите соопштија дека ги договориле општите начела за идната Влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Од тука додадоа дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите за коалицирање.
Во изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ излегоа со различни ставови за уставните измени, но во повеќе наврати беше потенцирано дека разговорите на таа тема ќе бидат ставени на маса по завршувањето на изборите.
Македонија
„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен
Денеска беше остварена средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, објави ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање.