Македонија
Мицкоски живее надвор од реалноста, економијата тоне, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, велат од СДСМ
Изјавите на Мицкоски, во кои тврди дека цените се намалени, дека инфлацијата е намалена и дека сме биле први во Европа, се во целосна спротивност со секојдневната реалност на македонските граѓани, велат од СДСМ.
Очигледно, според нив, Мицкоски живее надвор од реалноста.
„Додека Мицкоски зборува за „економски успеси“, граѓаните се соочуваат со постојано зголемување на цените на основните производи, платите стагнираат а стандардот опаѓа. Тоа е реалноста во Македонија. Поскапувањата од една страна и стагнирањето на платите од друга страна го отежнува животот на граѓаните кои се принудени да се откажат од основни потреби за да го преживеат месецот. Според проекциите на Светска банка, Македонија ќе биде на дното во регионот по економски раст, со проектирани само 2,7% раст на БДП оваа година“.
Ако се пресмета инфлацијата од 3%, додаваат од СДСМ, раст воопшто нема, односно економијата е во целосна стагнација.
Како што оценуваат, наместо да се фокусира на весели математики кои не ја одразуваат вистинската состојба, премиерот треба да се посвети на решавање на економските проблеми кои ги мачат граѓаните.
„Политиките на Мицкоски досега не донесоа подобрување на животниот стандард. Напротив, економската несигурност и социјалната неправда се зголемија“, истакнуваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

