Македонија
Мицкоски: Заглавија со гасификацијата, со ова темпо ни за 4 години нема да има приклучени граѓани
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше во посета на општинскиот комитет на партијата во Кисела Вода, каде што оствари средба со граѓани, членови и политички симпатизери.
Како што информираат од опозициската партија, Мицкоски на средбата истакнал дека власта на СДСМ нема успеси во ниедно поле, односно дека владее со измами и злоупотреби.
„Владата нема успеси буквално во ниедно поле. Ги слушам премиерот и вицепремиерот се фалат со гасификацијата, која во реалноста целосно ја заглавија. Готов проект, кој требаше да продолжат да го реализираат, а го забавија, го заглавија, гасификацијата на домаќинствата уште долго ќе се чека“, потенцирал Мицкоски.
Партискиот лидер нагласил дека власта лаже за гасификацијата исто како што СДСМ излажал во 2002 година кога ветил по еден вработен од секое семејство.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ ја напушти владата, им остави готов проект за изградба на секундарната и терцијарната гасификација и имаше тендер за изградба, кој СДСМ го поништи со образложение дека не чинел за дури по две години, велат ќе се формира комисија за распишување тендер за изградба на секундарна и терцијарна гасификација или со други зборови – нè вратија во почетна фаза. Истото тоа што беше во завршна фаза пред две години, сега е во почетна фаза. Не само што сме изгубиле две години, туку прашање е дали сега во овие околности ние навистина ќе најдеме некаков инвеститор“, истакнал Мицкоски нагласувајќи дека станува збор за навистина сложен проект.
Воедно, тој потенцирал дека со ваквото темпо на работа, дури ни за 4 години нема да може да постои домаќинство што ќе има можност да го користи гасот како енергент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

