Македонија
Мицкоски: Заев е одговорен за прислушувањата во обвинителството
Одговорноста за скандалот со прислушувањето во Обвинителството е на Зоран Заев, објави на својот Фејсбук-профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во прилог неговиот став
„Вчера се соопшти скандалозна вест. Обвинителството и судството прислушкувани. Тоа значи дека таму некаде некој кој денес е власт прати порака, судиите и обвинителите ги имаат во рака, со снимани разговори, уценети, им требаат покорни на политичките наредби, додека правдата се заобиколува.
Вчера излегоа со информацијата за прислушкување на обвинителството и судството, а премиерот Заев истрча да префрли одговорност што само покажува дека си ја ишка мувата од капата и дека што би рекле нашите постари кабаетот е голем. Кои се фактите. Рекоа дека прислушкувањето започнало од септември 2016та година, а од 2 септември 2016та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски од СДСМ. (Еден период како технички, а потоа како полнозначен министер во владата на Заев) што значи дека ако имало прислушкување тоа е во целиот период додека овој човек е министер и во целиот мандат на оваа влада на Заев. Значи согласно засега достапните информации ова прислушкување се случувало во целиот период додека Заев е премиер, Спасовски министер, а Верушевски советник во Владата, истиот тој советник добро познат од аферата Големото Уво и бомбите на Заев.
И клучното прашање е кој располага сега со разговорите на обвинителството и судството, кој ги држи уценети, кое обвинителство сега ќе ги истражува разговорите за да утврди кој диктира обвиненија и суди неправда (секако не смее тоа да биде политизираното СЈО), какви разговори има и дали поради тие разговори премиерот Заев предвреме ги погодуваше точните пресуди и висини на казни. Дали поради тие разговори одредени судии се исплашени, па судат во неразумно време, се кршат процедури, закони, правила, дали поради тие разговори одредени обвинители го амнестираат вистинскиот криминал?
Зоран Заев е година ипол премиер, тој ја контролира и централната и локалната власт, одговорноста е негова, но и мрежата во која самиот се заплетка е исто негова. Ова е црниот вотергејт на оваа власт“, се вели во статусот на Христијан Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.

