Македонија
Мицкоски за бегалецот Груби: Не очекувам дека ќе добие политички азил, тој на листата на САД не е од политички причини, туку поради криминал
Премиерот Христијан Мицкоски не мисли дека пребеганиот поранешен вицепремиер и министер Артан Груби ќе добие политички азил за да избегне враќање во земјата и соочување со сомневањата за сторен криминал. Одговарајќи на новинарски прашања попладнево, Мицкоски рече дека Груби се најде на црната листа на САД не од политички причини, туку поради сомневања за сторен криминал.
„Лицето е на листата на санкции на САД. Јасно се наведени причините зошто се наоѓа на листата на санкции – поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал, Обвинителството поведе истрага, а судот, како што сум информиран, изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена. Тука не станува збор за политички причини, туку очигледно има нешто поинакво од политиката, односно постои основано сомневање за сторен криминал. Не очекувам дека ќе добие политички азил, но тоа, сепак, е одлука на оние што би влегле во една таква процедура. Јас тука не би можел да додадам или одземам нешто“, рече премиерот Мицкоски.
Поранешниот вицепремиер и министер, Груби, на 9 декември, се најде на црната листа на САД.
Пет дена подоцна, на 14 декември, Груби избега од земјата преку граничниот премин Блаце иако првично преку социјалните мрежи тврдеше дека не ја напуштил државата, туку патувал во приватна посета.
На 17 декември Кривичниот суд на Груби и на ексдиректорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, им одреди 30-дневен притвор под сомневање дека направиле финансиски малверзации вредни 501 милион денари, а еден ден подоцна, на 18 декември, МВР издаде меѓународни потерници за двајцата.
Поранешниот директор Бајрами, пак, како што кажа неговиот адвокат Антонио Апостолски, не е во земјата веќе неколку месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

