Македонија
Мицкоски: За Кочани не се помага со прес-конференции, туку со дела, а СДС постојано прави груба злоупотреба на трагични случаи
На 34-тата годишна Конференција на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „34 години постоиме за младите“ свое обраќање имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, кој се осврна на повеќе важни теми, од кои и на злоупотребата на трагедијата во Кочани од страна на СДС и нивната манипулација со јавноста, со некрофилската политика којашто ја водат.
„Третата работа драги господа е некрофилијата во СДСМ. Тоа е позната стратегија да злоупотребува колективни или индивидуални несреќи и да создава политики од нив. Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети, неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори“, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, истакна дека нема да дозволи да се прави политика од трагедијата, притоа потенцираше дека СДС прави константно злоупотребување на трагични настани, со веќе препознатлива шема, со цел да се одвлече вниманието на јавноста.
„Јас нема да дозволам на грбот на напатениот народ да прават политика и безобразно да ги злоупотребуваат судбините на цел еден град. За Кочани не се помага со прес-конференции, туку со дела, а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија, што само покажува во каква очајна состојба е оваа партија, во отсуство на реални проекти и политики со кои би го привлекле вниманието на јавноста“, рече Мицкоски.
Тој наведе неколку случаи за време на владеењето на СДС кои завршиле неуспешно брез одговорност и откривање на вистина, притоа потенцираше дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи вакви манипулации со човечки судбини.
„Само ќе ве потсетам на неколку работи од минатото како завршија. Се сеќавате ли на трагедијата на малата Тамара, се сеќавате ли на трагедијата Мартин Нешковски, се сеќавате ли на жртвите од Смилковското езеро, се сеќавате ли дека истите овие луѓе, ветуваа правда, ветуваа мир, ја злоупотребуваа на некрофилски начин и тогаш и денес трагедијата на родителите и блиските на семејствата. Што добија? Тие станаа милионери, а вистината и тогаш и денес беше таа дека единствената политичка и владина опција којашто прави и сочувствува и сака да направи е Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме овие некрофили, кои повторно на човечката судбина манипулираат и се обидуваат да се вратат на власт“, вели Мицкоски.
Тој истакна дека ќе продолжи владината поддршка за Кочани и најави дека наскоро ќе бидат соопштени деталите за проект на кој интензивно се работи и кој ќе биде од исклучително значење за сите жители на Кочани, со цел подобрување на условите за живот.
„Што се однесува до владината поддршка за Кочани таа ќе продолжи и воедно сакам да објавам дека интензивно работам на проект кој ќе биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани и ова го работам заедно со канцеларијата на Европската Унија. Со тоа што историски, епски, драматично ќе го видоизмениме изгледот на подобро, на градот Кочани. Деталите за овој проект на кој интензивно работам, очекувам многу скоро од денеска да бидат соопштени на македонската јавност, нормално откако ќе бидат финализирани сите детали“, потенцираше Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.

