Македонија
Мицкоски: За краток период како Влада покажавме дека нашата визија е да изградиме локална самоуправа, која ќе биде вистински партнер на секој граѓанин
„Денес имам чест и одговорност да зборувам за еден од најважните столбови на нашата демократија – локалната самоуправа. Таа претставува основа врз која се гради развојот на секоја заедница и мостот кој ги поврзува граѓаните со државните институции. Локалната самоуправа е срцето на локалниот развој. Таа е тука да ги препознае и задоволи потребите на секој граѓанин, да го унапреди животот во нашите општини и да обезбеди услуги кои се брзи, ефикасни и достапни за сите“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
„Нашата визија е да изградиме локална самоуправа која ќе биде вистински партнер на секој граѓанин. Да создадеме услови каде општините нема да бидат само администратори, туку активни двигатели на економскиот раст, на иновациите и на социјалната кохезија.
Работите што ги наследивме во поглед на локалната самоуправа и тоа што минатите влади преземале на тој план можам да кажам дека не се добри. Предолго општините биле предмет на политички пазар и поддршката на централната власт исклучиво зависела од тоа дали раководствата на единиците на локалната самоуправа кохабитираат со тие на централната власт.
Па затоа ќе потсетам дека изворно како и доскорешен лидер на опозицијата сум запознаен со тоа низ што се градоначалниците поминуваа на тој план. И на тој план единствено и најголемата цена ја плаќаа граѓаните. Морам да кажам дека тоа станува минато и ако сакаме развој тој ќе е целосен со сите аспекти и чинители вклучени во него.

Вложуваме значителни напори да ја зајакнеме улогата на локалните власти. Преку финансиска децентрализација, инвестирање во инфраструктурата и дигитализација на услугите, покажавме за кус период дека развојот на локалната самоуправа е наш приоритет.
Но, останува уште многу работа. Пред нас е предизвикот да обезбедиме целосна транспарентност, отчетност и еднаков пристап до сите ресурси. Само со заеднички напори и партнерство помеѓу централната и локалната власт можеме да изградиме општини кои ќе бидат пример за добар управувачки модел.
Министерството за локална самоуправа отпочна со постапка за консултации на нов закон за локална самоуправа со кој ќе се надминат сите недостатоци и ќе се инкорпорираат искуствата од праксата. Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат ниту монораси и локални владетели, ниту пак статисти во процесите. Туку фактори за развој и решавање на проблемите.
Ние покажуваме со пример дека работиме за сите општини. Преку министерството за локална самоуправа се менаџира процесот кој како Влада го реализираме за 250 милиони евра капитални инвестиции каде пари имаат добиено сите општините кои ги исполнија условите со што покажуваме дека за нас приоритет е локалниот развој“, изјави Мицкоски.

Премиерот се заблагодари на посветеноста на министерот и сите чинители да обезбедат кохезија, но и истакна:
„Локалната самоуправа не е само ниво на власт. Таа е симбол на нашиот заеднички стремеж за подобар живот. Таа е инструмент преку кој граѓаните ја реализираат својата моќ и визија за подобро утре.
Ајде сите заедно, без разлика на политичките, етничките или географските разлики, да вложиме напори за силни и успешни општини кои ќе бидат гордост на нашата држава“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

