Македонија
Мицкоски за Протоколот: Македонија ќе треба да исполнува бугарски желби
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека протоколот со кој Македонија ќе треба да исполнува бугарски желби ја отвора вратата за преговори за Албанија, но не и за нашата држава. Според него, тој е дипломатски нокаут и капитулација. Тој посочи дека за почеток на преговорите ќе треба промена на Устав и вметнување на Бугарите, а тоа нема да се дозволи од ВМРО-ДПМНЕ. Со ова, Мицкоски смета дека ќе може да се промени преговарачката рамка, пред да биде усвоена.
„Како дипломатски нокаут и капитулација. Тој протокол ја отвори вратата за преговори на Албанија, а ја подзатвори за Македонија. Како што Генчовска кажа, вистинската Меѓувладина конференција нема да се одржи сега, туку со промена на Уставот. А дека тоа нема да се случи гарант е ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нема 2/3 власта во Парламентот. Генчовска даде пример дека не го признава македонскиот јазик, дали ние ќе одговориме дека не го признаваме бугарскиот јазик. Генчовска бара Бугарите да бидат во Уставот, а бара ние да се откажеме од Македонците во Бугарија. Дали е тоа реципроцитет? Можам и други примери да дадам. Но во суштина зборуваме за дипломатски нокаут за Македонија. Има европска иднина за граѓаните на Албанија, не за граѓаните на Македонија“, кажа Мицкоски.
Тој тврди дека ќе останат на барањето да се промени преговарачката рамка.
„Процесот за билатерални преговори со Бугарија и протоколи е еден процес, процесот за менување на Уставот е друг и трет е прифаќање на предлог преговарачката рамка. Тие три процеси не треба да ги поврзуваме еден со друг. Да бидам попрецизен, протоколот кој го потпиша Бујар Османи ја отвори вратата за Албанија да ги почне преговорите, но не и за Македонија. За да ги почнеме преговорите, ќе треба да се промени Уставот, па да се свика Меѓувладина седница, па да биде усвоена преговарачката рамка. Дека нема да биде сменет Уставот, доказ се 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, плус пратениците на опозицијата. Преговарачката рамка не е усвоена, бараме да биде променета“, додава Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟣𝟩 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар известува дека во периодот од 09.02 до 15.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ биле отстранети 117 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
ВЛЕН: Ако СПАК-от на ДУИ не е само за спектакл, нека побара екстрадиција на Артан Груби од Албанија
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на локален СПАК (Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција), како да ја открила Америка. Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, прашуваат од ВЛЕН.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. ВЛЕН го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги започне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ“, пишува во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, велат од ВЛЕН, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, „СПАК за Фејсбук“, а не за правда“, велат од ВЛЕН.

