Македонија
Мицкоски за 11 Октомври: Оние кои се кренаа против неправдите се пример дека борбата за Македонија никогаш не завршува

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, Денот на народното востание, 11 Октомври.
„На овој голем ден македонскиот народ се крена во борба против фашизмот и ја продолжи борбата за македонска држава на илинденците и на цела една плејада нивни претходници. Целта на востаниците кој се кренаа против фашистичкиот окупатор беше остварување на вековниот стремеж за создавање на независна и суверена, Република Македонија. Ова беше голема победа за нашиот народ, но и придонес за слободата во Европа“, вели Мицкоски во обраќањето.
Тој повикува жртвата на оние кои се кренале против неправдите да биде пример дека борбата за Македонија никогаш не завршува и дека секоја генерација има својата битка.
„Денес Македонија е притисната од нови предизвици, тешко секојдневие и несигурност. Сиромаштијата и корупцијата ја загрозуваат иднината, а лошото здравство, уништеното земјоделие, недостиг на реформите, иселувањето го разјадуваат нашето општество. Ова се работите кои сите заедно мораме да ги смениме, да ја донесеме обновата и да градиме иднина, да ги споделуваме европските вредности и да се избориме за европската перспектива на Република Македонија“, нагласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето во кое додава дека 11 Октомври засекогаш ќе биде еден од светлите примери за македонскиот непокор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време со изолирана појава на нестабилност попладне

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража

Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.