Македонија
Мицкоски: Кога нема разбирање за национално единство кај власта, тогаш јас повикувам на единство и обединување
Светите браќа Кирил и Методиј се нашата светлина, нашиот прозорец кон светот, нашето непроценливо богатство кое со голема надеж и со огромна волја и го предаваме на човештвото. Свети Кирил и Методиј оставиле дело кое не само што е пред времето, туку еден милениум подоцна го победува времето и останува да свети пред луѓето, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Охрид.
„Тие му припаѓаат на цивилизираниот свет, и ние како нивна колевка, како и земја и народ од кој потекнува тоа семе, овие просветители целосно се согласуваме да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление. Но воедно, дозволете да бидам подеднакво гласен и да не се согласам со ирационалноста на политиката на источниот сосед кој негира секаква наша поврзаност со овие свети браќа и нашето човечко и цивилизациско право да се потпираме на нивното дело и да полагаме право на нивното наследство. И во тие нивни негаторски политики не само што нема никаква историска поткрепа, туку се повеќе станува очигледно дека нема темел на кој се потпира оваа Македонија и народ кој не сакаат силно да го затресат“, рече Мицкоски.
„И тука она што признавам дека не ме остава рамнодушен е тоа што нашите првенци од власта остануваа молчаливи во однос на многу отровни стрели и пропагандни пораки на источниот сосед“, дополни Мицкоски.
Порача дека не треба да се разочара народот кој е во апатија, да се покаже дека има многу повеќе шанси зад темниот хоризонт кој мора како што рече, заедно да го менуваме.
„Лошата вест е што врхушката на општеството е фрагментирана и драматично поделена за сите прашања и теми за кои мора да постои единство. Сите мои предупредувања и повици за национално единство за важните теми за Македонците за жал се одбиени од другата страна, а кога постои неединство, тие кои го сакаат туѓото, единствено ја користат таквата необединетост. И кога нема мудрост и разбирање за национално единство кај носителите на власта, тогаш јас повикувам на единство на народот и национално обединување. И воедно ние како политичка партија и јас лично ја прифаќаме улогата да бидеме на браникот пред сите налети на национално обезличување, опустошување и обезличување“, порача Мицкоски.
Според него, не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои, вели тој, работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство.
„Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме“, потенцира Мицкоски на денот на сесловенските просветители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од Струмица и Скопје, преку Свети Николе: под истрага шест лица за транспортот на осум тони марихиуана што заврши во Србија
Обвинителсството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест лица за неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, во случајов со марихуаната.
Оттука велат дека истрагата се темели на докази обезбедени од Министерството за внатрешни работи, како и на документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија, добиена преку меѓународна правна помош.
Според наредбата, осомничените во период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на кокаин и марихуана. Секој од нив имал јасно утврдена улога во преземањето, држењето и транспортот на дрогата.
Двајца од осомничените, против кои постапка води и српското обвинителство, во договор со првоосомничениот – сопственик на правно лице од Скопје – организирале набавка и повеќекратен транспорт на марихуана од Северна Македонија кон Србија, со товарни возила, заради понатамошна продажба.
Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на вработени да спакуваат 8.832 килограми сув цвет од канабис, набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели биле спакувани над 200 кутии, по што вработените биле испратени на колективен одмор.
„На 13.01.2026 година, во пладневните часови, двајцата ортаци (едниот осомничен во РСМ, а другиот во РС), организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврати пренесени до наведената локација. Во исто време, во атарот на селото Сарамзалино, останатите петмина осомничени на паркинг простор кај локалната црква во селото извршиле претовар на царинета стока од товарно моторно возило со приклучно возило, во друго товарно моторно возило. Потоа, осомничените заминале за Свети Николе каде во испразнетото товарно возило биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис. По извршениот утовар, осомничените на кои претходно им беше определен краткотраен притвор со товарното моторно возило и приклучното возило, заедно со уште тројца осомничени со ПМВ, се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата“, соопшти Обвинителството.
Следниот ден, на 14 јануари во 03:41 часот, товарното возило се исклучило од автопатот и се упатило кон селото Коњух во Србија, каде кутиите со марихуана биле растоварени во објект на правно лице од Крушевац, обезбеден од лица против кои српското обвинителство води истрага.
Јавниот обвинител оцени дека постојат околности што упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство, па на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да донесе решение со кое спрема двајцата осомничени на кои им беше определен краткотраен притвор да биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Македонија
Сопругата на Орце Георгиевски со чанта од 30.000 долари, велат од СДСМ
Нема крај на луксузите на ВМРО-ОКГ, велат од СДСМ.
Според оваа партија, сопругата на градоначалникот на Скопје од како што го нарекуваат, ВМРО-ОКГ, Орце Ѓорѓиевски, вчера на партиска промоција се појавила со брендирана чанта „Хермес“.
„Станува збор за еден од најекслкузивните и најскапи бренд чанти во светот.
Вакви чанти, Hermes mini Kelly 2 (20 cm) чинат од 28.000 до 33.000 долари.
Додека работниците едвај врзвуваат крај со крај и мора да проестираат по улиците за поголеми, достоинствени плати, ВМРО-ОКГ парадира пред нивните очи.
Скопје се дави во ѓубре, автобуси нема, граѓаните со часови чекаат за превоз, се возат во распаднати и небезбедни автобуси.
Очигледно за ВМРО-ОКГ нов и поголем авион не оди со стари или евтини чанти“.
Според опозициската партија, луксузирање со авиони врз грбот на народот оди, како што додаваат, со часовници од 60.000 евра и со чанти од 30.000 долари.
Прашуваат, што мислат граѓаните на Скопје за овој „луксузно-моден патриотизам.
„Што мислат работниците, земјоделците, граѓаните за оваа аздисаност?
Само нека не се вадат на то, е фејк или поклон. Може да биде поклон само од Орце.
После толку криминални тендери поврзани со „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, нивните омилени фирми тоа е секако очекувано“.
Македонија
Фетаи: Албанскиот јазик истраен пред секој предизвик
Денес, во просториите на Клубот на пратеници, беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, со присуство на претставници на државните институции, академици, универзитетски професори, истражувачи и други поканети гости.
Во своето обраќање пред присутните, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, ја истакна важноста на мајчиниот јазик како темел на културниот, институционалниот и општествениот идентитет, ставајќи посебен акцент на правилната и јасна употреба на јазикот во администрацијата, образованието и медиумите.
Тој нагласи дека албанскиот јазик на овие простори поминал долг историски пат, останувајќи жив и функционален и покрај предизвиците. Во таа насока, истакна дека изработката и промоцијата на новиот речник претставуваат важен чекор кон стандардизација и усогласување на терминологијата во службените документи, учебниците и јавната комуникација.
„Нејаснотиите во терминологијата и во службените формулации често стануваат извор на недоразбирања, одолговлекување на постапките и различни толкувања. Затоа, јазичната јасност не е само прашање на норма, туку и прашање на институционална функционалност и почит кон граѓанинот“, истакна заменик-претседателот на Владата Фетаи.
Тој додаде дека во време на непосредна комуникација и брзо ширење на информации, одговорноста за правилна и професионална употреба на јазикот е уште поголема, особено кај јавните институции и медиумите.
Во завршницата на својот говор, заменик-претседателот на Владата изрази благодарност за трудот и ангажманот на професорите, истражувачите и експертите кои придонеле во подготовката на новиот речник, изразувајќи уверување дека истиот ќе стане секојдневна референца во институционалната, образовната и медиумската практика.
„Остануваме посветени на поддршка на иницијативи што го зајакнуваат правилното, еднакво и функционално користење на јазиците во Северна Македонија, во согласност со законските стандарди и принципите на повеќејазичен соживот“.

