Македонија
Мицкоски: Македонија е пред големи предизвици, но верувам дека народот ќе донесе одлуки кои ќе значат сигурност, правда и обнова
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на граѓаните им ги честита христијанските празници, раѓањето Христово и Божиќ.
„На овој голем ден, би сакал да ви посакам мир и благосостојба во вашите семејства кои ќе ве пратат во текот на целата година, Ви посакувам многу среќа, здравје, спокој и љубов за вас и вашите ближни.
Македонија со отворени раце го прифати христијанството кое е камен темелник на западната цивилизација. Учењето Христово нека е ѕвезда водилка за секој еден од нас, неговите дела, пожртвуваноста, мудроста, љубовта нека служат за пример. Традиционалните вредности се оние кои не обединуваат како народ, како општество и се вредностите кои ни го поплочуваат патот за просперитетна и успешна Република Македонија.
Христијанството не учи на надеж, надеж за подобро утре кое со посветеност и работа можеме заеднички да го изградиме за нас и иднините поколенија. Македонија е пред големи предизвици, но верувам во мојот народ дека ќе донесе одлуки кои ќе значат сигурност, правда и обнова. Да ставиме крај на поразите, доаѓа времето на чесни и принципиелни луѓе кои ќе работат во интерес на народот. Ќе ставиме крај на тонењето и неправдите. Македонија има луѓе за нови победи и успеси, а нивната шанса доаѓа допрва.
Нека ни е вековит и честит овој голем христијански празник Рожденство Христово, Божик. Христос се роди, Навистина се роди!“ стои во честитката од Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

