Македонија
Мицкоски: Директори на скопски училишта добиле насоки од МВР да ја игнорираат електронската пошта
При посетата на Општина Гази Баба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на континуитетот на закани за бомби во училиштата и дали тоа е слабост на системот, истакна дека МВР се однесува аматерски, директорите на скопските училишта добиле насоки од МВР да ја игнорираат електронската пошта, претседателот Пендаровски молчи и тактизира и не свикува совет за безбедност, а во МОН има епска неспособност.
„Јас денеска добив уште една уште пошокантна информација, не знам колку е точна, треба да се провери, со неколку директори во училиштата во Скопје, и во основните и во средните, дека биле посетувани, повторно поставувам како дилема, биле посетувани од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи и биле советувани да ги игнорираат дојавите што стигнуваат на службените имејл-адреси, односно на електронска пошта, да ги игнорираат како тоа да не се случува, па дури и некои биле советувани и воопшто да не ја отвораат електронската пошта. Со други зборови, претседателот молчи кога треба да е најгласен наместо сега кога сме цел, еве, според нив, на хибриден напад, да го свика Советот за безбедност, тој молчи, тактизира, не добива насока од свјот стопан, никаде го нема, ќе го слушните тука таму со некоја егзибионистичка изјава, никаде го нема, МВР, ако ова е точно, аматерски се однесува, односно наместо да спречи и да превенира, тие дополнително ја загрозуваат безбедноста на учениците, а МОН, јас немам што повеќе да додадам за тој министер таму кога измина годината, сè уште нема учебници, станува збор за епска неспособност и епски најнеспособниот министер, што, за жал, поради определени коалициски гимнастики сè уште е министер за образование“, вели Мицкоски.
Според него, месеци нè делат кога, конечно, Македонија и граѓаните ќе се ослободат од неспособните луѓе и ќе дојдат луѓе што знаат како да се справат со предизвиците.
„За жал, повторно ќе кажам, ние се соочуваме со максимално криминални и неспособни политичари, кои немаат стратегија и не знаат како да се справат со предизвиците, жртва се најмилите, а тоа се нашите деца, учениците, без разлика дали се тоа во основните или во средните училишта. По егзибициите со короната, денеска еве со месеци сме сведоци на епска неспособност од страна на надлежните и ресорни министерства“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

