Македонија
Мицкоски: Направивме историски чекор со коалицијата со Алијанса и Алтернатива
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата во Берово, одговарајќи на новинарско прашање за соработката со Алијанса за Албанците и Алтернатива истакна дека тоа е еден историски чекор, и за ВМРО-ДПМНЕ но и за Македонија.
„Направивме коалиција уште пред првиот круг на локалните избори во определени градови, ќе се подржуваме во определени општини, ќе се подржуваме на ниво на кандидати за градоначалници. Договорено е таму каде што коалицијата Алтернатива-Алијанса ќе има кандидат, ВМРО-ДПМНЕ да не кандидира и обратно таму каде што ќе има ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса-Алтернатива да не кандидира, се разбира во тие општини каде таа соработка е договорена“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека ова е коалиција која ќе ги победи поделбите, криминалот и корупцијата и ќе покаже дека Македонија има можности со политичари кои се надвор од матрицата на СДСМ и ДУИ.
„Очекувам оваа коалиција да ги победи поделбите, безнадежноста, криминалот, корупцијата, безидејноста, неспособноста, немањето визија и стратегија за развој на Македонија, историски момент за сите граѓани без разлика на етничката припадност, да покажеме дека навистина Македонија има можности и со други политичари кои што се надвор од матрицата на СДСМ и ДУИ и дека може поинаку и дека не треба да се губи надежта и дека најдобрите времиња допрва доаѓаат“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

