Македонија
Мицкоски: Народот се обединува околу промените, новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се за да одговараат криминалците
„На овие избори народот јасно кажа каква е политичката реалност во Македонија, а тоа е дека Владата односно двете партии од Владата треба да заминат во опозиција. Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на Стево Пендаровски и Коалицијата која што го подржа Стево Пендаровски во првиот круг имаат 183.000 гласа разлика. Нешто што досега во македонската историја, во демократска Македонија не се случило да кандидат од опозиција да има таков силен резултат, и тоа е јасна порака на народот дека се потребни промени“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Конче.
Мицкоски додаде дека народот се обединува околу промените.
„Од друга страна ги слушате пораките од Мала Речица, од ДУИ, тие велат дека требало да се слуша народот. И да ние го слушаме народот, народот и во тој случај донесе правилна одлука и испрати јасна порака дека Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има за 20% повеќе гласови отколку што имаат двајцата провладини кандидати односно владини кандидати, а тоа се Бујар Османи и Стево Пендаровски заедно. Односно 363.000 наспроти 301-302.000 од прилика колку што имаат тие двајца“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека пораката од граѓаните е јасна, правецот по кој што треба да се движи Македонија е јасен. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повикуваат на уште поголема поддршка од граѓаните во вториот круг.
„Заедно да ја завршиме историјата која што ја започнавме уште пред неколку години односно пред 30-тина месеци за време на локалните избори кои што се случија во 2021 година“, порача тој.
Мицкоски укажа дека на ВМРО-ДПМНЕ најважна е поддршката на народот.
„Време е заедно со вас граѓаните да ставиме точка на оваа историја, бидејќи таа точка ќе ја определи траекторијата по која што ќе се движи Македонија – дали Македонија ќе биде горда, достојна, трансформирана, онака како што сите ние сакаме да ја видиме нашата држава, или ќе биде ограбена, обесправена, понижена, омаловажена како што беше досега изминативе 6 ипол години“, додаде тој.
Тој посочи дека според резултатот од првиот круг на претседателски избори е јасно по кој пат граѓаните одлучија Македонија дека треба да се движи.
„Мојата порака е до нашите сограѓани Турци, знам дека овде Бујар Османи освои 100 гласа и знам дека прилично беа активни некои од функционерите на турската партија овде во општина Конче, и ги бараа гласовите за Бујар Османи. Јас ќе споделам со вас нешто кое што не сум го зборувал досега но мислам дека треба да се знае, а тоа е следново, претседателот на турската партија кој што подоцна заврши во прегратките на Али Ахмети, пред да заврши таму беше кај мене. И кога дојде кај мене ми рече претседателе доаѓам од средба со Али Ахмети и сакам да знаете дека на тој човек му треба медицинска нега, тој е ваков, таков, почна да го навредува и да користи недолични зборови“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека му се заблагодарил на средбата и веќе никогаш му се нема јавено за да разговараат.
„А, следниот ден од медиумите прочитав дека тој отишол во прегратките на овој за кој што велеше дека му е потребна медицинска нега. И таму потоа продолжи да функционира како политичар“, појасни Мицкоски.
Мицкоски вети дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе направи се за да криминалците одговараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телеграма за сочувство до раководството и до иранскиот народ, упати претседателот на Левица, Димитар Апасиев
„Во име на Политичката партија Левица, изразувам сочувство до народот на Исламската Република Иран за трагичната загуба на претседателот Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи, Амир Абдолахјан, како и придружната делегација во неодамнешната хеликоптерска несреќа.
Претседателот Раиси и министерот за надворешни работи, Абдолахјан, не беа само ценети лидери, туку тие го посветија својот живот да му служат на иранскиот народ и да ги унапредат интересите на сопствената нација на светската сцена“, се вели во Телеграмата од Левица.
„Претседателот Раиси и министерот Абдолахјан беа цврсти бранители, чувари на правата и достоинството на угнетените народи ширум светот. Тие се спротивставија на империјализмот и се залагаа за глобална правда и солидарност. Нивната посветеност да се спротивстават на угнетувањата и експлоатациите, длабоко одекна со вредностите на нашата партија за антиимперијализам и солидарност со угнетените и служеше како инспирација за сите кои се стремат кон поправеден свет.
Жалиме за загубата и на другите членови на делегацијата кои загинаа во несреќата. Нивната посветеност кон нивната земја ќе биде трајно запаметена.
Во ова време на тага, стоиме во солидарност со Владата и народот на Иран. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, како и со целиот народ во Иран“, се додава во Телеграмата од Левица.
Скопје
Ѓорѓиевски: „Вардар” мора да постои – обезбедена поддршка за баражот
За ФК „Вардар“ пред најважниот натпревар оваа сезона, е обезбедена финансиска поддршка од градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. На денешниот тренинг на тимот тој лично на „Вардар“, Вардарци и Комити им даде збор дека за многу брзо време работите ќе се променат на подобро, и „Вардар“ никогаш повеќе нема да биде во оваа ситуација.
– „Вардар“ е душата на Скопје и како еден од нив, ќе го дадам и последниот атом од мене за да се одржи клубот. Како и во минатото, така и сега во пресрет на баражот во недела, обезбедени се финансиски средства за да опстои нашата гордост. „Вардар“, Вардарци и Комити не се оставени сами на себе. Мојата подадена рака ќе стои секогаш тука за нив. И да, ќе одиме на врвот – таму каде што припаѓаме! А во една блиска иднина, за многу брзо време кога работите ќе се променат на подобро, „Вардар“ никогаш повеќе нема да биде во оваа ситуација. Го имате мојот збор!
Се гледаме во недела, во 17 часот на стадионот во Струмица. ФК ВАРДАР : ФК ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА! За Вардар, за нашето славно минато и блескава иднина, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој и минатата година, пред историскиот натпревар со Кавадарци му обезбеди финансиска поткрепа на спортската гордост на Скопје, „Вардар“.
Македонија
ДИК за денешното прегласување: Се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности
Денес заврши прегласувањето на болните и немоќни лица, лицата кои издржуваат казна затвор и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024.
Вкупно 45 лица пријавени како болни или немоќни имаа право на глас на избирачките места каде се одвива прегласувањето во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и Струга.
На ИМ 2101 во Желино гласале сите 4 лица кои биле запишани како болни или немоќни.
На ИМ 1194 Крушево од 20 запишани лица гласале 18 а на ИМ 1202 Крушево гласале сите 6 запишани лица.
На ИМ 1272 Охрид, правото на глас денес го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список.
На ИМ 1470 Долнени во кое имаше запишано 7 лица како болни или немоќни и на ИМ 1470/1 Долнени со запишани 2 лица, сите го искористија правото на глас.
На ИМ 1844 Струга, сите 4 лица запишани како болни или немоќни гласаа денес во текот на денот.
Гласањето заврши и за лицата кои се на издржување казна затвор како и за лицата кои се сместени во центрите за вонсемејна грижа.
Сите 5 пријавени лица за гласање во затворите во Прилеп и Шуто Оризари денес гласаа во објектите каде престојуваат, а и двајцата пријавени гласачи во центрите за вонсемејна грижа во општините Карпош и Битола, денес го остварија своето право на глас.
Гласањето се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности, извести ДИК.