Македонија
Мицкоски: Нашата цел е за првите 4 години од нашиот мандат да допреме до 400 илјади домаќинства, да ги решиме основните егзистенцијални суштински проблеми
„На покана на ЗЕЛС денеска сум на овој настан, на ова генерално собрание. За мене, претставува чест и задоволство што ја добив најпрвин оваа покана. Зошто? Затоа што ценам дека општините во периодот што следува, би рекол и годините што следуваат, ќе имаат во Македонија големо значење затоа што голем дел од капиталните проекти што ги имаат како потреба граѓаните, ќе бидат реализирани преку општините“, рече мандатарот Христијан Мицкоски на генералното собрание на ЗЕЛС.
Тој рече дека на граѓаните им е преку глава од бајки, басни и ветувања за големи работи, а ништо не се случува. Мицкоски вели дека граѓаните имаат основни егзистенцијални проблеми, во центрите на поголемите урбани средини се гази во кал, ниту 20 проценти од територијата не е покриена со организирани канализациски системи, системи за одведување отпадни води, а да не зборува за нивни прочистувања.
„Имаме средини во кои немаме ниту пивка вода за пиење, имаме руинирани детски игралишта, гледате каква е состојбата со демографијата во Македонија, за неколку години за 30 проценти е намалена бројката на дечиња што се раѓаат, имаме руинирани училишта, долги листи на чекање во градинките.
Сето тоа треба да претставува приоритет и ќе претставува приоритет на новата влада.
Она што јас можам да го кажам, а планирам да го повторам на овој преубав настан, е да бидат подготвени сите градоначалници, без разлика од која политичка партија се, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, ДУИ, Алијансата, Беса или од друга политичка партија или, пак, се независни, да работат на проекти до одобрение за градба, наесен, во првата половина на септември, а можеби, ако биде сè како што треба со ребалансот во втората половина на јули, уште во август ќе биде објавен повикот за оваа година, минимум 6 милијарди денари, минимум 100 милиони евра, иако јас се обидувам да обезбедам и денар повеќе“, рече Мицкоски.
Тој најави дека в година ќе биде објавен повикот на самиот почеток, во втората половина на јануари или првата половина на февруари, при што 250 милиони евра од централниот буџет ќе бидат реалоцирани за општините.
„Нашата цел е за првите 4 години од нашиот мандат да допреме до 400 илјади домаќинства, да ги решиме тие основни егзистенцијални суштински проблеми на 400 илјади домаќинства. Да ја донесеме работата на владата преку општините до домот на секој граѓанин. Се надевам дека ќе успееме. Ќе бидам попрецизен, сигурен сум дека ќе успееме. Знам дека станува збор за амбициозна група на градоначалници што ќе дадат сè од себе и оваа година и во почетокот на следната, без разлика на политичките партии, да направат проекти бидејќи тие се избрани од народот и да бидат слуги на народот и пред народот да одговорат.
Ја разбирам тешката состојба во општините, разбирам дека колку помалку граѓани се селат, толку помалку даноци во општините, толку помалку расположливи средства и затоа е тука владата со една добра домаќинска работа, реорганизација во самата влада, да обезбеди ресурси да се одговори на реалните проблеми на граѓаните“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Црвениот крст ја заврши последната исплата од собраните средства за настраданите oд пожарот во „Пулс“
Црвениот крст на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, во вкупен износ од 11.200.000 денари. Средствата се распределени на 18 лица, поделени во две категории.
Исплатата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица, подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изготвена од Комисија при Министерството за здравство.
Со ова, вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност изнесува 164.744.901 денари.
Од Црвениот крст информираат дека, со цел поголема транспарентност и отчетност, е подготвен извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е објавен на веб-страницата на организацијата.
Во тек е и подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства, кој ќе го опфати и останатиот период и ќе биде споделен со јавноста до 15 март.
Црвениот крст продолжува со активностите на терен, со акцент на обезбедување психолошка поддршка за настраданите и нивните семејства преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.
Фото: ЕПА
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.

