Македонија
Мицкоски: На ВМРО-ДПМНЕ не му е до функции кога Македонија е загрозена и под блокада
Во овие тешки и предизвикувачки времиња знам дека сте вознемирени поради сето она што се случува во Македонија. И знам дека со голема доза на мачнина гледате како СДСМ и ДУИ свесни дека ја губат власта, го губат и достоинството. Секој ден не уверуваат дека дното може да биде се подлабоко од претходно, порача од Гевгелија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Не е во мојот речник да зборувам наместо невистини дека лажат, но морам да признаам дека последниве денови сведоци сме дека, не лажат, туку се утепуваат од лажење. Не било само крадењето , туку лажењето било дел од нивната политика. Како може од една иста средба да излегуваат со различни информации за она што се случило. За една иста средба за која и самите рекоа дека е неуспешна, тие излегуваат и велат дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило безусловно уставни измени“, рече тој.
Според него, дегутантни се оние аукции и лицитации кои секој ден се случуваат коодинирано од ДУИ и СДС за нови функции, „те биле министерства во владата, те Албанец премиер кој СДС им го подарил на ДУИ, те директорски места. Таквата матрица покажува дека само до позиции им е дојдено, а институциите им се во распаѓање. Ја направија владата евтина и криминална приказна“, вели Мицкоски.
Мене, додаде тој, ниту ми е до позиции, ниту на ВМРО-ДПМНЕ му е до функции особено не кога е загрозена Македонија и кога народот е под блокада и нема иднина.
Дополни дека предлозите и понудата на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент се јасни.
„Сакам да упатам една порака до Димитар Ковачевски, бидејќи е кукавица по природа и бидејќи се плаши од избори, и бидејќи се плаши да ме погледне во очи, еве еднашка го охрабрувам нека излезе на ТВ дуел пред македонската јавност, па граѓаните нека судат кој ја говори вистината, а кој не ја говори вистината. Бидејќи човек кога еднашка ќе се идентификува себеси како кукавица, цел живот тоа ќе го следи. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во моментот е најцврстиот бедем за не прифаќање на бугарското диктат, потенцира Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

