Македонија
Мицкоски на средба со хрватската амбасадорка: „Власта не знае како да се справи со пандемијата“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со хрватската амбасадорка во Македонија, Нивес Тигањ.
Како што информираат од партијата, на средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба, но и здравствените предизвици од пандемијата предизвикана од Ковид-19.
„Власта нема капацитет и не знае како да се справи со пандемијата, а поради тоа, Македонија секој ден бележи нови црни денови и стана лидер по морталитет на милион жители во регионот. Владата предводена од СДСМ нема способност, ниту план, да се справи со економската криза, а како резултат на тоа над илјадници граѓани ги губат работните места, бизнисите се затвораат, а нови инвестиции нема ниту на повидок“, рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата.
Мицкоски нагласил и дека во земјата е нарушено владеењето на правото, се злоупотребува европското знаменце, како, на пример, за законот за марихуана, а криминалот и немањето одговорност за застапени како никогаш досега.
„ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има идеи и мерки како Македонија да се справи со здравствената и економската криза, но и другите предизвици што нè очекуваат периодов“, рекол партискиот лидер, кој на крајот се заблагодарил и за соработката со Амбасадата на Република Хрватска и посочил дека пријателските односи ќе продолжат и понатаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.

