Македонија
Мицкоски на терен ќе ги слушне проблемите на граѓаните и ќе бара решенија
ВМРО-ДПМНЕ ја почна акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“, со која планираат да ја поминат цела Македонија директно од терен да разговараат со граѓаните, организации, здруженија, целни групи и да ги слушнат од прво лице проблемите на граѓаните и да понудат решенија, кои ќе биде содржани во програмата што ќе биде дел од кампањата за следните парламентарни избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Еден нов пристап на неколку месеци пред почеток на кампањата сакаме јасно да ги дефинираме приоритетите на нашите граѓани, на економијата, на целните групи, на луѓето што денеска се во Македонија и кои денеска се грижат и им значи Македонија да успее.
Затоа велиме дека е важно, алармот е вклучен и ние цениме дека со оваа акција можеме навистина да имаме една исклучително содржајна кампања. Почнуваме токму овде од Охрид со мене тука е и градоначалникот, претседавачот на Совет и пратениците, и сите оние кои што се дел од администрацијата во Охрид, дел од структурата овде во општина Охрид.
ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера да реалоцира од централниот буџет за проекти во Охрид средства до 8 милиони евра годишно или за 4 годишен мандат 32 милиони евра. Тоа се навистина значајни проекти, на дел од тие проекти како што е проектот за канализација и пречистителна станица во населеното место Трпејца ќе посветиме посебно внимание денеска. Но, не е само тоа, тука се и други проекти, нов водоснабдителен систем наречен проект Свиништа, односно проект кој што ќе биде помеѓу 8 и 9 милиони евра со кои што според тоа што го добиваме како информација би се обезбедило стабилно навремено снабдување на Охрид со вода би рекол а следните 50тина години, без разлика на пикот на туристичката сезона. Но, и не само тоа, и други канализациони мрежи во други населени места, училишта, инфраструктурни проекти, катна гаража која што се планира во центарот на градот итн.“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека голем дел од тие проекти планираат да бидат реализирани како реалокација од централната влада.
„Јас можам да сумирам и да им честитам и на Пецаков и на советниците кои што ја поддржуваат работата на Пецаков и на администрацијата, за тоа што е направено до сега во овие речиси две години локална самоуправа под раководење на Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ овде во Охрид, да ги охрабрам да продолжат свесни комплетно за тешката ситуација со која што се наоѓа општината. Но и свесни комплетно за односот на централната влада кон општината и кон охриѓани, бидејќи знаете дека тие секаде онаму каде што во 2021 година имаше победа на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат насилнички, се лимитираат, се кратат средства, не се инвестира итн. Нешто што нема да биде пракса за идната влада за неколку месеци од денеска“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

