Македонија
Мицкоски: Нека избере Ковачевски датум помеѓу двата големи празника и да имаме заеднички избори
Ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира тие состаноци, тогаш ќе се јави Талат Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира, па потоа ќе бидеме напаѓани зошто ние ги иницираме, а зошто тој не. Затоа рековме нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби, нека седнат нека се договорат и нека кажат – тој и тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеса се клучни за иднината на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од денешната посета во Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање во однос на работните групи за изборите.
Мицкоски истакна дека дали Талат Џафери е тој што ќе испрати официјална покана дали Груби дали Али Ахмети, или ќе му ја дадат таа чест на Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ нема проблем, но мора да се договори термин бидејќи треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Не е само терминот проблем, бегаме од суштината, зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР, кои треба да се имплементираат во Изборниот законик, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР се, знаете, 6 месеци пред избори не треба да се отвора изборен законик, а ние сме помалку од 6 месеци, и повторно ќе интервенираме затоа што некој е кукавица и не сака да излезе и да се соочи со граѓаните“, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека кога тогаш Ковачевски мора да излезе, мора за неколку месеци од денеска да имаме избори.
„Бега од дуели, од дебати, од новинари, бега од предвремени избори, да се биде кукавица е карактер и ги разбирам, не треба да се срамат од тоа, има плашливи луѓе кукавици и тоа е карактер не се менува на 47/48 години. Но, мора ова да го направиме ако навистина се грижиме за интересот на граѓаните и за развојот на Македонија како држава. Ме прашавте дали е 5 или 8 мај, јас и во мојот говор кажувам, ете му бел лист хартија, нека седне, нека напише датум. Еве нека напише датум и блиску до тие два големи празника, зборувам за Рамазан-бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме. Нека одлучи, нека го ослободи општеството, денеска има ручек со Ахмети и Груби, нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло, нека го бара“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не треба изборите да бидат одвоени и да се трошат десетици милиони евра од граѓаните, а кои ги немаме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

