Македонија
Мицкоски: Ќе немаше акција, да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ
“Дај боже постојано вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите, но треба да почнат од себе”, вака одговори Христијан Мицкоски на прашањето дали со вчерашниот партиски брифинг ја саботирале истрагата која ја водела МВР, а неофицијално, трае веќе година и половина. Мицкоски смета дека ако тие не излезеле со информации за новинарите, тогаш акцијата никогаш немало да биде спроведена.
“Ако ја спроведувале акцијата година дена, тогаш требало да ја спроведат. Не да почнат од службеникот, службеничката која зема отисок од прст или фотографира, бидејќи нив им било така кажано од некои други структури во МВР. Не можете да ме убедувате дека службеникот кој фотографира знае кој е Јован Вукотиќ, а уште помалку знае кој е Георги Андонов. Или пак, Седат Пекер, уште помалку знае кој е Џадин Адемивски. И од такви стотици лица. Во оваа држава криминалот и мафијата имаат своја држава. Колку повеќе, иронично кажано саботираме, толку побргу правдата и правната држава ќе владеат. Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ и да не излезевме како политичка партија, немаше да се разбудат од зимски сон”, рече Мицкоски.
Според него, на исти начин се работела и акцијата откако беа обезбедени прислушкуваните разговори и судии, за кои сторителите не се откриени.
“Исто и со случајот ‘Планина’ кој стана мала висорамнина? Кај што не убедуваа дека не знаеле што правеле, а во суштина се играле џамлии и луѓето ги вознемирувале. Криминалот е во врвот на власта. Колку побрзо расчистиме со овие луѓе толку побрзо ќе имаме правна држава. Се останато е растурање пердуви и приказни за мали деца”, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

