Македонија
Мицкоски: Ниту сум се откажал, ниту пак ќе се откажам од реформи во правосудството
„Не сум се откажал, нити ќе се откажам се додека правосудството кај граѓаните ужива доверба од 2 проценти, се ќе направам, буквално се ќе направам што е во моја моќ да тие 2 проценти бидат барем во една година 12. Се ќе направам. Но тоа што е наш одговор во тој документ којшто вие го кажувате е одговор врз основа на важечките закони и Устав. Ние како Влада не можеме да излеземе надвор од важечкото законодавство и Устав“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски апелираше до експертската јавност да достават предлог за да се врати довербата на граѓаните во правосудството.
„Дали сум се откажал? Ако добиеме подобар предлог за којшто, апелирам, молам еве ја користам оваа прилика, сите тие што беа против и од ЕУ и од експертската јавност, еве ве молам доставете, поминаа месеци ако не доставите тогаш доаѓаме до заклучокот дека вие намерно штитите институции коишто не се способни да обезбедат поддршка кај граѓаните поголема од 2 проценти, институции коишто не гарантираат владеење на правото, бидејќи 2 проценти кај граѓаните не е владеење на правото и институции коишто му служат некому, а не граѓаните. Како премиер, како претседател на Владата којшто добил, излегувајќи напред на чело на коалицијата, 450.000 граѓани на избори на оваа програма, ако не добијам подобар предлог не ми преостанува ништо друго освен тоа да тој предлог што погласно го промовирам и да ја вратиме довербата кај граѓаните“, подвлече премиерот.
Претседателот на Владата Мицкоски објасни дека доколку нема доверба во правосудството нема да има странски инвестиции, што ќе има големо влијание врз Буџетот на државата и животниот стандард на граѓаните.
„Основа на функционирање на оваа Влада е владеење на правото, тоа значи судии и обвинители коишто судат и обвинуваат согласно Закон и Устав, а не согласно партиски нарачки, од партиски штабови или други центри на моќ. Судии и обвинители коишто ќе гарантираат владеење на право и доверба кај граѓаните. Зашто? Затоа што ако немаме правна држава, нема да имаме ниту инвестиции, никој нема да сака да инвестира, ако немаме инвестиции ќе немаме пари во Буџетот, ако немаме пари во Буџет, многу едноставно, ќе нема пари ниту за реформи во образованието, ниту за реформи во здравството, ниту за повисоки плати, ниту за субвенции, ниту за оброк за младите, ниту за стипендии, ниту за нови студентски домови, ниту за медиумите, ниту за никого“, рече премиерот.
„Нема да штитам никого, немам концесија кон никого, треба тоа да го разберат сите и не се откажувам од ништо, само во случај ако добиеме подобар предлог“, соопшти премиерот и додаде:
„Ги повикувам нека не се кријат, позади комфорот на позициите коишто ги имаат, без разлика од каде доаѓаат, без разлика дали се претставници на меѓународна заедница, дали се домашни експерти. Дојдете подготвен сум да разговарам со сите вас, дајте предлог вака не иде, 2 проценти доверба кај граѓаните. А тезата еве му ја свиткаа раката на Мицкоски па сега попушти е глупава теза. Ми ја виткаат раката 6 години, не сме имале ваков капацитет, таков капацитет па гледате дека се што кажаа ништо не излезе така. Доста од политиканство, народот од нас очекува дејства, да го направиме животот подобар, да правиме вакви објекти, да нема деца на листа на чекање, да има подобар стандард, да живеат подобро тоа го очекуваат. Сега дали ми ја свиткале, не ми ја свиткале, никој не може да ми ја свитка раката, голем сум фала му на Бога.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Семејството на Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, ама затоа Заев бил со семејството на одмор во Амстердам, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое бараат да кажат кој летал со владиниот авион.
„Го поздравуваме интересот на СДС во однос на темата со владиниот авион, бидејќи самата тема покрај ситно политичките поени кои сака да ги добие СДС што секако ги занемаруваме, отвора и други значајни аспекти. Треба СДС пред да влезе во материјална и теснограда расправа за владиниот авион да биде свесна дека ние сме држава врз која има еден нерасветлен атентат врз претседател, и уште еден инцидент на трагично загинат претседател на држава и тоа со владино летало. Актуелното владино летало од кое СДС и Венко Филипче правват евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005тата година и од 2017та до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, додаваат од партијата, индикативно и би можело да се оцени за крајно лицемерно е поведението на лидерот на СДС Венко Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам.
„Кој Венко се противи, тој кој во 4 ѕида вели купете авион, или тој кој пред микрофони вели не купувајте авион, дадете пари за минимална плата? Ова се вика дефиниција за лицемерие. СДС шири лажни вести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кривични против претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип, си присвоиле над 300.000 денари
Полицијата поднесе кривични пријави против поранешни претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип за сторени продолжени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.В.(83), В.Џ.(80) и Т.А.(68), сите од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“, како и против З.С.(44) од Штип поради постоење основи на сомнение дека сторила продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“.
Првите тројца пријавени, во периодот од септември 2012 година до октомври 2024 година, во својство на претседатели на Здружението на инвалиди на трудот – Штип, дневниците кои четвртопријавената З.С. ги заработувала како секретар на здружението, ги префрлале на трансакциска сметка на нејзината мајка за да не ѝ биде ускратено правото кое го имала на социјален детски и образовен додаток.
З.С., со лажно прикажување на факти, го довела во заблуда и новиот претседател на здружението дека има долг кон нејзината мајка и во име на здружението склучила договор за отстапување на побарување со нејзината мајка, а откако починала мајка ѝ, и со нејзината ќерка склучила ист договор.
Исто така, првопријавениот и второпријавената вршеле плаќања за себе и други лица за седници кои не биле одржувани, а исплаќале и еднократна финансиска помош на лица на кои не им следувала таква помош.
Третопријавениот склучил договор за закуп на станбен простор во периодот додека траел огласот за изнајмување на станбен простор, односно без да бидат разгледани сите поднесени барања.
Тој во неколку наврати од службената сметка на својата трансакциска сметка си исплаќал парични средства, а извршил и незаконска исплата на парични средства на правно лице за наводно извршена угостителска дејност.
Со овие дела, првите тројца пријавени го оштетиле буџетот на здружението во вкупен избнос од 297.730 денари, а на четвртопријавената ѝ овозможиле да се стекне со противправна имотна корист од 88.234 денари.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.

