Македонија
(Видео) Мицкоски: Обвинителот нека отвори предистрага за споменикот во Слупчане, случајот „Феникс“ е театар за јавноста
Случајот за „Скопје 2014“, кој е во фаза на истрага, за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е театар и дефокус. Таму нема дело, порача тој, по што го повика обвинителот Љубомир Лапе да отвори барем предистрага за спомениците во Слупчане или Колари, каде што, исто како во Центар, со одлука на Општината, се поставени споменици за кои нема одлучено Собранието.
„Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден, вие го нарековте случај ‘Феникс’, е со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење за да се дивергира од оние што денеска купуваат со десетици милиони евра во центарот на Скопје. Ако имало дело тоа ќе било решено пред 7-8-9 години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет – бидејќи се фрла сенка на идентитетските обележја односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Добро е со камерите да појдете во споменикот во Слупчане, кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри предистрага да отвори“, рече Мицкоски.
Упати јавен повик до новинарите и до обвинителот што го води случајот за „Скопје 2014“
„Може да одиме до Зајас? До Колари? Или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија, каде што има такви нелегални градби и каде што има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој, кој служи за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои ја имаат заробено Македонија“, додаде Мицкоски.
На крајот, порача дека граѓаните на избори ќе им испратат порака на политичарите што сега владеат со Македонија дека е време за Идризово наместо за опстојување на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

