Македонија
Мицкоски: Овие 1.090 проекти за првите 100 дена, ќе беа дупло повеќе да не беа презадолжени општините
Денес токму во градот на конзулите правиме отчет за сработеното во кои се опфатени општините од Пелагонискиот регион, а кои се управувани или водени изминативе 100 дена од градоначалници кои што беа избрани од страна на жителите во тие општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. И овој отчет денес се реализира само поради фактот што ВМРО-ДПМНЕ има што да престави за својата работа, за своите први 100 дена и затоа што градоначалниците се тука за граѓаните, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека овие повеќе од 1.090 проекти на кои се работи, ќе беа најмалку двојно повеќе да не беа хаосот, безредието, затворените општини, корупцијата, енормно презадолжените општини, неработата, неспособноста кои започнавме да ги менуваме, а ги затекнавме со преземањето на општините.
Во изминатите 100 дена започнавме повеќе од 1.090 проекти. Или точната бројка е 1.093 за 100 дена. Започнати се со реализација 166 капитални објекти низ целата територија на Македонија.
Започнати се со проектирање, градба или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. А, расчистени се повеќе од 200 диви депонии, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која секој еден граѓанин во нашата Македонија ја заслужува, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари копи ссе вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме.
Ги менуваме општините. Новите градоначлалници носат проекти и промени кои буквално се чувствуваат и гледаат. И да ако некој прашува дали ќе се избориме, ќе се избориме за нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се промените кои носат иднина за секој еден граѓанин во нашата Македонија, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дафина Стојановска итно да си поднесе оставка – пратеничката функција е сосема спротивно од ова што таа го демонстрира“, велат од Левица
Левица бара итна оставка од пратеничката од редовите на ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од гостиварско, „која очигледно и веќе во неколку наврати не ја разбира функцијата која ја обавува и мандатот кој и е доверен од граѓаните“.
„Објавувањето снимка во која се појавуваат малолетните деца на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува особено тежок морален и институционален пад за носител на јавна функција. Кога пратеник свесно користи материјал произлезен од следење на синдикален претставник и тоа го пласира во јавноста како средство за дискредитација, станува збор за злоупотреба на мандатот и грубо деградирање на парламентарната функција“, велат од Левица.
„Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија.
Наместо извинување и повлекување, денес гледаме дополнителна вмровска дрскост! Ем шуто, ем боде. По извршениот чин, се обидуваат да ја релативизираат одговорноста и да глумат жртви, навредувајќи ја интелигенцијата на народот.
Дафина Стојаноска, пратеничка која години наназад е симбол на политичка привилегираност, која цел круг на фамилија го има вдомено во државните институции, со шест стана, меѓу кои и четири во Скопје, а сепак со енормни патни трошоци кои ги наплатува од државната каса – денес си дозволува да таргетира синдикалист кој бара повисоки плати за работниците! Токму тој јаз меѓу комфорот на отуѓената вмровска елита и секојдневната борба на граѓаните ја разголува суштината на проблемот – привилегирана класа која паразитира од јавни средства, а се пресметува со оние што бараат достоинствен живот.
Токму затоа, нејзината одлука да таргетира синдикален лидер кој се бори за повисоки работнички плати ја прави уште понедостојна за функцијата. Таа не ги брани интересите на граѓаните, туку активно учествува во кампања против нивното организирање.
Нема никакво оправдување за објавените снимки од малолетни деца во нејзината налудничава пресметка. Нема никакво оправдување за користење илегално снимени материјали кои очигледно произлегуваат од организирано демнење и следење. Нема никакво оправдување за вакво однесување од носител на јавна функција, кое ги помина сите граници на пристојноста и е чисто кривично дело!
Пратеник кој свесно ги преминува границите на приватност, пристојност и интима – очигледно не си ја разбира обврската како народен претставник, па не ни заслужува да седи во законодавниот дом. Пратеничката функција треба да е сосема спротивно од ова што го демонстрира Дафина Стојаноска!
Оставката на Дафина Стојаноска е чин што барем минимално би го ублажил овој скандал и срам за Собранието“, се вели во соопштението на Левица.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.

