Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

