Македонија
Мицкоски од Новаци: Граѓаните избираат меѓу два концепта, едниот на Пендаровски, СДСМ и Ахмети кои ја понижуваaт државата, и концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе ја направи Македонија горда
Она кое што го слушам и гледам дава одговор на тоа дека Македонија од оваа положба која што денеска се наоѓа опљачкана, засрамена, понижена, граѓаните насекаде сакаат да ја видат повторна горда. За да Македонија биде повторно горда и за да Македонија биде повторна ваша најпрво е потребно, огромна победа на 24 април на идниот претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова. А потоа да не биде Македонија само горда бидејќи и потребно да биде и твоја, а за тоа да се случи ни е потребна историска двојна победа на 8 мај, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Новаци во рамките на претседателската кампања.
Мицкоски истакна дека најпрво е потребно да се врати Македонија на тие на кои што им припаѓа, а тоа е народот.
„Најпрвин е потребно да си ја вратиме државата на тие на кои што им припаѓа, а тоа е народот. Народот е единствен суверен во Македонија. За да се случи победа на ВМРО-ДПМНЕ таа треба да биде изразена со мнозинство на пратеници во македонскиот парламент, таа победа треба да биде победа со која ќе се овозможат сите услови да се случи трансформација на Македонија. Тоа е она кое што и е потребно на Македонија како држава“, рече Мицкоски.
Кажа дека на овие избори има два концепти, а тоа е концептот на Пендаровски и концептот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Изборот е јасен се борат два концепта, едниот избор е концептот кој што го нуди Стево Пендаровски. Позади овој концепт кој што го нуди Стево Пендаровски застанаа Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ и Ковачевски. И другиот концепт е концептот кој што го нуди ВМРО-ДПМНЕ и Твоја Македонија. Кога ќе го слушнете Стево Пендаровски како ви вели дека можеби ништо не сработил изминативе 5 години, ама барем не крадел, тогаш сетете се на сите посети на раководството на СДС во овој објект недалеку од овде, каде што се договорени тендери и зделки со цени двојно па и тројно поскапи од пазарните, а дел од таа разлика ваши пари, наши пари, пари на граѓаните завршуваа во приватни џебови, а дел имаат за цел да ја финансираат криминалната кампања на Стево Пендаровски“, потсети Мицкоски.
Мицкоски порача дека по двојната победа на 8 мај ќе се направи проверка колку Пендаровски и тие околу него се огрешиле пред законот.
„Пендаровски има страв затоа што знае дека за неколку недели од денес после 8 мај ќе провериме дали и колку Стево и тие околу него се огрешиле пред законите и ќе провериме дали ја збори вистината дека не крадел, тој и тие околу него кои што тој ги поставил“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дури ни Груби првично не се пожалил на безбедносен ризик – ДПМНЕ преку АНБ и МВР без проценка го испратија дома“, велат од Левица
„Фарсата на ДПМНЕ и Артан Груби оди дотаму што, првично, дури ни самиот Груби не пријавил дека се чувствува небезбедно. Директорот на истражниот затвор јавно соопшти дека нема поплаки, дека е извршен лекарски преглед и дека неговата безбедност е гарантирана. Само неколку часа подоцна, Министерството за внатрешни работи на чело со Панче Тошковски и Агенцијата за национална безбедност со Бојан Христовски, презентираат проценки без воопшто да направат каква било проценка, дека неговата безбедност не може да се гарантира, по што обвинителството го прифаќа тоа како клучен аргумент за замена на притворот со куќен притвор“, велат од партијата Левица.
„Ова отвора сериозно прашање за кредибилитетот и мотивите зад ваквата „проценка“. Ако не постоела конкретна пријава, ако надлежните во затворот тврдат дека безбедноста е обезбедена, тогаш од каде произлегува драматичната промена на наративот во рок од неколку часа? Очигледно, станува збор за конструирано алиби за поблага мерка. Јавноста има право на јасен и аргументиран одговор, не на контрадикторни изјави, а сега и молк од МВР и АНБ.
Но, дури и хипотетички да постои одреден безбедносен ризик, обезбедувањето сигурност во притворските установи е директна надлежност и обврска токму на државните институции. Ако тие проценуваат дека постои ризик, тогаш нивна должност е да го неутрализираат преку засилени мерки на обезбедување, изолација или посебен режим во рамки на затворот, а не магично да ја укинуваат мерка. Во спротивно, државата испраќа порака дека не е способна да го спроведе сопствениот систем на притвор, или дека не сака да го спроведе кога станува збор за високи функционери.
Особено загрижува што станува збор за лице кое 14 месеци беше во бегство и за кое е распишана меѓународна потерница, осомничено за злоупотреби во милионски износи. По секоја правна логика, тоа е отежнителна околност. Наместо тоа, добиваме повластен третман заснован на флоскули од институции под раководство на ДПМНЕ. Прашањето што се наметнува е едноставно: дали истиот стандард би важел за обичен граѓанин? Колку притвореници без политичка тежина добиле куќен притвор затоа што државата не можела да им гарантира безбедност?
Левица оценува дека ваквата одлука создава опасен преседан безбедносните служби да станат инструмент за релативизирање на притворот кога станува збор за политички елити. Безбедноста не смее да биде изговор за привилегија. Ако државата не може да обезбеди сигурност во сопствен затвор, тоа е пораз на институциите. Ако може, а сепак одлучува поинаку, тогаш станува збор за селективна правда. Во двата случаи, одговорноста директно посега по ДПМНЕ“, соопштува Левица.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 16 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа вдолж Повардарјето повремено засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа и во почетокот на следната седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок. Времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, освен во сабота кога ќе има зголемено наоблачување. Од петок по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.

