Македонија
Мицкоски од Пробиштип повика на масовна излезност во вториот круг
Во првиот круг коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ освои 33 градоначалници. Двајца во меѓу време, помеѓу првиот и вториот круг, против кандидати на нашите кандидати се откажаа, што значи дека сега веќе се 35 градоначалници и во уште 24 општини сме во вториот круг. Во недела ќе се одлучува кој ќе биде градоначалник во тие 24 општини. Во 6 од тие 26 општини сме второпласирани, со тенденција и со голема шанса, бидејќи разликата е премногу мала, да бидеме првопласирани, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот мини митинг во Пробиштип во рамките на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Мицкоски изрази убедување дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, после овие локални избори ќе има 59 градоначалници.
„Истовремено, дозволете ми да информирам дека во 58 општини советничките листи ан коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победија и имаат убедливо мнозинство во Советот. Кога на сето тоа ќе се додаде и резултатот во Градот Скопје, односно убедливото водство на идниот градоначалник на Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски, 90 илјади наспроти 30 илјади, отприлика нешто повеќе од 3 спрема 1, очекуваме во вториот круг таа бројка да дојде до 120 можеби 125 илјади гласа. И убедливата победа на советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, доаѓаме до фантастична бројка од 60 општини во кои што се состои и Градот Скопје, нешто што до сега на ниту една политичка коалиција во независна Македонија не и се случило“, истакна Мицкоски.
Втората крупна политичка порака, вели Мицкоски, која сакам денес од Пробиштип да ја испратам, е дека конечно, партијата која повеќе од 20 години беше дел од сите влади во Македонија, Демократската унија за интеграција, на овие локални избори е поразена.
„Ние велевме на парламентарните избори пред година и половина ги развластивме и дека ќе дојде време, кога на локалните избори, тие ќе бидат поразени. И тие практично се поразени на овие локални избори“, рече Мицкоски.
Додаде дека во вториот круг имаме три опции, од кои првата е да се гласа за коалицијата која ја претставува ВМРО-ДПМНЕ, која е победничката коалиција, додека втората опција е поранешната владина коалиција предводена од СДСМ, која е опција која не враќа назад во времето и која ја ограбуваше, понижуваше и распродаваше Македонија.
„И третата опција, по мене, најкатастрофални е да останеме дома и да не излеземе на изборите и да дозволиме некој друг да одлучува во наше име“, дециден беше Мицкоски додавајќи дека со седењето дома никој не се казнува, туку со тоа се казнуваат самите граѓани кои не излегле на гласање.
Затоа, Мицкоски ги повика граѓаните на Пробиштип, но и на цела Македонија во недела на 2 ноември да излезат на гласање што е можно помасовно и да го дадат својот глас онака како што тие мислат дека е најдобро.
„Но, убеден сум дека кога ќе застанете позади параванот, со пенкалото во рака и со гласачкото ливче пред вас, ако го слушате разумот и вашето срце, и длабоко погледате во вашата душа, ќе видите и ќе препознаете дека таму извира бројот 9 и името на Тони Тоневски. И јас сум убеден дека тоа ќе биде вашата опција за следните четири години“, посочи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

