Македонија
Мицкоски од Тирана: Нашата порака денес е едноставна, но цврста – Македонија исполнува
За Македонија, Планот за раст е многу повеќе од иницијатива, посочи премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана. „Тоа е приказна за претворање на заложбата во вистинска промена“, продолжи Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија беше првата земја од регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст и првата што доби пред-финансирање согласно Планот.
„Ова беше резултат на посветена работа и на цврсто верување во европските вредности. Нашата реформска агенда, одобрена од Европската комисија, се фокусира на она што навистина е важно – добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото. Ова не се апстрактни цели. Тие се темелите на современата европска држава, секојдневната реалност што сакаме да ја обезбедиме за нашите граѓани“, посочи Мицкоски.
Мицкоски во обраќањето наброи дел од промените коишто веќе се спроведуваат.
„Оваа година поднесовме две барања за исплата на средства, со кои се поддржуваат приоритетните реформи на Владата – особено во областа на дигиталните услуги, зајакнување на деловната клима и подобрување на енергетската ефикасност. Досега се исплатени околу 24 милиони евра, комбинација од заеми и инвестициски грантови. Продолжуваме со натамошни реформски чекори во сите сектори: управување со јавните финансии, дигитална трансформација, развој на бизнисот и реформи во правосудството. Завршувањето на овие чекори ќе отклучи дополнителна поддршка од ЕУ во износ од над 134 милиони евра. Но, ова не се само бројки, ова се приказни за промена“, додаде Мицкоски, којшто го потенцираше приклучувањето на Македонија кон Единствената евро-зона за плаќања (SEPA) меѓу првите партнери од Западен Балкан интегрирани во овој европски систем, потоа проектот WiFi за Западен Балкан (WiFi4WB), којшто се спроведува во 63 општини, Дигиталниот самит во Скопје како потврда на заложбата за интероперабилност, безбеден дигитален идентитет и за поблиско усогласување со европските дигитални стандарди, како и програмата Хоризонт градиме национална Антена на Фабриката за вештачка интелигенција која ја поврзува Македонија со европскиот екосистем за ВИ и со капацитетите за суперкомпјутери“, рече премиерот.
Мицкоски се осврна и на поврзаноста како врвен приоритет, зборувајќи за модернизација на три гранични премини – Деве Баир, Блаце и Богородица во рамките на иницијативата Зелени ленти, со што Европа физички станува поблиска до граѓаните.
„Нашата зелена транзиција, од енергетски ефикасни студентски домови до нови инвестиции во транспорт и железничка инфраструктура, покажува дека растот и одржливоста можат да одат рака под рака. Вкупно, проекти во вредност од околу 1,1 милијарда евра се во текот на Планот за раст, од кои над половина милијарда се ЕУ грантови“, нагласи Мицкоски, кој зборуваше и за продлабочената регионална соработка преку Заедничкиот регионален пазар и Берлинскиот процес создаваме простор кој го одразува Европскиот единствен пазар.
„Овие чекори се доказ дека кога ги интегрираме нашите пазари, кога ги поврзуваме патиштата и кога ги усогласуваме правилата, веќе ја практикуваме Европската унија и нејзините вредности“, заклучи Мицкоски.
„Нашата порака денес е едноставна, но цврста: Македонија исполнува. Не реформираме затоа што тоа се очекува од нас, туку реформираме затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, со нашите дела и со нашите вредности. Сега очекуваме од нашите партнери истото, правичен, меритократски пристап кој ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста. Заедно да го претвориме овој План за раст во вистински напредок и промена; Да биде доказ дека европската идеја продолжува да инспирира, да обединува и да дава резултати, не утре, туку денес“, посочи премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

