Македонија
Мицкоски: Очекувам ДУИ повторно да прави изборни нерегуларности, истураат и многу кеш во предизборието, затоа ја повикувам меѓународната заедница будно да го следи процесот
Ако ме прашувате за изборните нерегуларности кои што беа случај во првиот изборен круг, а за кои причина беше Демократската унија за интеграција, јас очекувам такво нешто да се случи и во вториот круг. Ние до претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР доставивме список на избирачки места каде што во определен временски интервал, гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму имаме бројни нерегуларности. Односно, да бидам попрецизен, полнење на кутии и на тие избирачки места, чудно но вистинито, фингер принт, односно терминалите за отчитување на отисок од прстот, не работеле во тој период, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан дали очекува ДУИ повторно во вториот круг претседателски и прв парламентарни избори да прави изборни нерегуларности.
Додаде дека очекува нешто слично да се случува и во вториот круг, но и дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и дека за тоа е информирано и министерството за внатрешни работи со цел на определените избирачки места да го зголеми бројот на безбедносните сили.
„Го информирав и министерството за внатрешни работи да ги засили своите сили таму, припадниците на МВР да вршат мониторинг на процесот на гласање во тие избирачки места. Генерално станува збор за избирачки места во скопски Сарај, Липково, Арачиново и така натаму. Треба македонската јавност и граѓаните на Македонија, дека ДУИ преку своите политики не ги освојува гласачите, туку таа буквално, под притисок и со мерки и средства кои што се недозволени во демократијата, ги добива гласовите. Така што, слободно можете оној резултат од првиот круг на Европеецот Османи да го поделите со два и ќе ја добиете реалната поддршка на Демократската унија за интеграција која што повеќе од 20 години на два начина добива гласови. Најпрвин со епската манипулација и повикување на 2001, а паралелно со тоа местење тендери и втората е преку притисок, закани, уцени и поткуп“, рече Мицкоски.
Мицкоски упати и повик до меѓународната заедница будно да го следи процесот и да не го факторизираат криминалот на ДУИ кои што истураат огромни количини на кеш пари, кои сакаат да бидат дел од власта за на исти начин да ги наплатат и повторно ги вратат тие количини на кеш.
„Тука ја повикувам и меѓународната заедница да не го факторизира криминалот на ДУИ, бидејќи тие сега истураат огромни количини кеш, ги знаеме и менувачниците каде се истураат тие огромни количини кеш, а потоа на тој начин сакаат да бидат дел од владата за да се наплатат и повторно ги вратат тие количини на кеш. Така што, уште еднаш апелирам и до меѓународната заедница будно да го следи процесот, бидејќи ова што се случува изминативе денови и ова што очекуваме да се случува во следниве денови, ги поминува, би рекол, условите во определени места да одржување избори во многу по неискусни демократии од македонската. И навистина ова што се случува е катастрофално за демократијата, во определени средини. Можам да кажам дека високи функционери, дури и членови на владата го прават ова придружувани од припадници на министерството за внатрешни работи кои што се легитимираат кога ќе бидат фатени еклатантно, односно во процесот кога се случуваат овие притисоци и поткупи“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

