Македонија
Мицкоски побара да се поведе истрага за Заев: „Слушнавме како ја егзекутира правдата“
„Ова е протестен марш со кој почнува крајот на неславното владеење на СДСМ“. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го почна говорот на протестниот марш против неправдата, кој почна од Обвинителството, а заврши пред Врховниот суд.
Зад него стоеја младите од партијата, кои носеа транспаренти „Ниту правда ниту мир“, „Заробена правда, заробена држава“, „Стоп за Заев и мафијата“. Кога беа пуштени македонската химна и аудиоматеријалите, на кои наводно се слуша гласот на Зоран Заев, а кои пратеникот Антонио Милошоски ги достави до Обвинителството, Мицкоски рече:
„Поминаа 48 часа, а нема реакција ниту од Вилма Русковска ниту од кој било друг. А Заев е нечесен од глава до петици. Слушнавме како ја егзекутира правдата или што би рекле ‘трас, трас’. Не докажа ниту еден криминал, а многу криминали амнестира“.
Мицкоски побара поведување истрага за Заев, кој, според партијата, се мешал во судските одлуки, и тим од обвинители кои ќе бидат непристрасни и ќе го расветлат случајот.
Како второ барање Мицкоски ја посочи ревизијата на работата на Врховниот суд и нивните одлуки, а доколку се докаже дека работеле незаконски, тој побара нивни оставки.
Третото барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се реформи во Советот за правосудство и експертска помош во реализирањето на реформите.
Целиот говор на Мицкоски беше насочен кон Зоран Заев. За себе, единствено рече дека доколку дојде на власт, „нема на памет да му дојде да се меша во судската власт“.
„Прав е патот само до Идризово, а одговорност ќе има, без разлика на името и презимето и кој од каде доаѓа. Заев, ќе изгубиш, и ти тоа добро го знаеш“, порача Мицкоски пред присутните.
На протестниот марш, меѓу другите, присуствуваа и Александар Николовски, генералниот секретар на партијата, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, координатор на ВМРО, Ане Лашкоска, Магдалена Манаскова, Тимчо Муцунски, Валентина Божиновска и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

