Македонија
Мицкоски му посака на Османи мирен сон
При денешната посета на општина Карбинци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што Османи кажа дека еден ден ќе се разбуди кога на телевизија ќе види како поминуваат уставните измени, истакна дека Османи има лоша смисла за хумор и метафорите никој не му ги разбира.
Мицкоски потенцира дека уставни измени под диктати нема да има, го охрабри Османи за предвремени избори и му посака мирен сон по сè што тој ѝ направил на Македонија.
„Смислата за хумор на Бујар Османи не му била добра карактерна особина и честопати неговите метафори преку лошата смисла за хумор не се добро разбрани ниту од мене ниту од јавноста бидејќи не знаеме што сака со тоа да каже“, рече Мицкоски и дополни „ВМРО-ДПМНЕ диктати не прифаќа, како што е овој бугарскиот диктат дека ако се реферира на уставните измени, такви уставни измени нема да има. Нека се охрабри да одиме на предвремени парламентарни избори, да го слушнеме народот што има да каже за политиките на оваа Влада и она што ВМРО-ДПМНЕ ќе го понуди, па потоа можеме да размислуваме за многу други работи. На крајот, важно е тој мирно да спие и што побргу да се разбуди од својот сон, но не како министер за надворешни работи, туку на некое друго место по сè ова што им го направи на Македонија и на македонскиот народ, јас му посакувам мирен сон“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.
Македонија
Заклучоци на Владата по случувањата со новиот стадион во Тетово: да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот
Владата на Република Северна Македонија, по побарано мислење од Уставниот суд, го разгледа случајот со користењето и случувањата околу Новиот стадион во Тетово и донесе неколку заклучоци.
Владата, во разгледувањето, ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд, за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со Стадионот, а каде е посочено дека Новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово. Општината, како што е наведено, без законски основ, го дала Стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, градоначалникот на Општина Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“, на јавен настан промовирале проект за рушење и изградба нов градски стадион.
Владата при носењето на заклучоците на денешната седница ги зеде предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, според коишто, надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право, има само Владата на Република Северна Македонија.
Заклучено е, Генералниот секретаријат на Владата да подготви комплетна информација во врска со статусот на објектот Нов фудбалски стадион – Тетово, КП бр. 11476. Во меѓувреме, да се испрати укажување до Општина Тетово, да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот. Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај.