Македонија
Мицкоски: Потребна е масовна излезност на 8 мај за да ги пратиме во опозиција ДУИ кои ја ограбуваат и ја ставаат Македонија на колена
Овој резултат од 24 април е и одговорност. Се што зборуваме треба и да примениме. Народот очекува и убеден сум дека во овие нешто повеќе од 10 дена народот ќе се приклучи, народот е обединет и сака промени и брзи резултати, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Росоман.
Мицкоски информираше дека како коалиција внимателно е пристапено во креирање на програмата.
„Внимаваме што ќе ветуваме, не сакаме да ветуваме нешто што не може да се реализира, не сакаме народот да ја губи надежта. Си дадовме збор дека програмата ќе ја ревидираме за две години. Нема скандал за повеќе од две години во работата на градоначалниците. Затоа можам да кажам дека поучени од ова искуство имајќи во предвид дека најголем дел од проектите се веќе реализирани одлучивме по две години да направиме ревизија и на оваа програма. Сметаме дека можеме повеќе, ама не сакаме да ве разочараме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека сега треба максимална мобилизација бидејќи како што рече „нема да остават да биде едноставно, мора да добиеме мнозинство во парламентот, да имаме наш претседател и заедно со градоначалниците да направиме трансформација на Македонија“, изјави Мицкоски.
Според него за ова треба масовност.
„Има центри на моќ кои не сакаат да ја видат успешна Македонија, имаме такви и тие беа клучен фактор до сега беа и во Владата, и тука мислам на ДУИ и Али Ахмети, тој сака да ја види осиромашена Македонија и слично. Тие не сакаат да ја видат успешна Македонија“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа дека овие избори се шанса криминалците да ги пратиме во опозиција.
„И ова го зборам само поради криминалот, не го зборам за ДУИ затоа што се Албанци, не, туку поради криминалот. Јас ја повикав опозицијата кај Албанците да се бориме заедно. Јас се борам против ДУИ кои ја ограбуваат и на колена ја ставаат Македонија“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

