Македонија
Мицкоски вторпат неделава се кити со туѓи перја, очекуваме да го пушти во употреба „Мој ДДВ“, велат од СДСМ
Мицкоски очигледно не може да се помири со туѓите успеси. По втор пат неделава се кити со туѓи перја. Откако пред два дена ја најави, денеска се фали со пуштање во употреба на канадската компанија „Магна Мехатроникс“, претставувајќи ја како негова придобивка и како „нова странска инвестиција“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, ДПМНЕ и Мицкоски треба да знаат дека информациите за оваа компанија се јавно достапни, а и граѓаните памтат.
Штипјани, како што додаваат, знаат дека оваа фабрика беше најавена уште во мај 2023 година од тогашниот премиер Димитар Ковачевски и Владата на СДСМ.
„Премиере Мицкоски не ви доликува на функцијата да се фалите дека и оваа странска инвестиција е резутат на вашите политики. Оваа кандска компанија е резултат на позитивните економски политики што ги водеше Владата на СДСМ и кои резултираа со подобрување на бизнис климата, отворање на нови странски инвестиции и нови работни работни места.
Ова не е ништо друго освен потврда на неспособност и безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ за водење економски политики и привлекување на странски иневстиции. Речиси една година Владата на Мицкоски нема донесено ниту една значајна странска инвестиција, а економијата стагнира. Единственото што ДПМНЕ го прави е сечење ленти на веќе реализирани проекти од претходната влада“.
Наместо да промовираат веќе промовирани инвестиции и да се служат со ефтин ПР, ДПМНЕ и Мицкоски сугерираат од СДСМ, треба да се соочат со реалноста и да погледнат што се случува во државата. Економијата, според нив, ни од далеку не расте, а животниот стандард на граѓаните го допре дното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

