Македонија
Мицкоски: Правдата не може да чека, нема толеранција за длабоката држава
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот митинг, со кој се започна кампањата за претстојните локални избори, и кој се одржа во Скопје во Спортскиот центар ,,Јане Сандански“.
Тој порача дека промените се видливи во многу сектори, меѓутоа, правосудниот сектор и понатаму останува најголема пречка во земјава. Мицкоски најави дека по локалните избори годинава нема да има толеранција кон ваквите структури кои функционираат како длабока држава и го бранат криминалот, а и дека следуваат реформи, бидејќи правдата веќе не може да чека.
,,Овие година и половина секаде започнавме со промени, со заздравување на атрофираниот и заболен систем во распаѓање, и секаде вложуваме труд, од образование, здравство, до економија и земјоделие. Промените се чувствуваат: некаде има повеќе резултати, некаде тие се со послабо од очекуваното темпо, но секаде правиме промени. Морам да признаам дека не сум задоволен од функционирањето на правосудниот систем, кој стана главното упориште на неправдите во државата, таму ќе ги најдете аргатите на системот кој го поразивме и нивните заштитници. Последната брана за правдата во Македонија. И ќе бидам брутално искрен околу дебатата што ја наметнуваат, како сум можел да кажам дека платите на судиите и обвинителите не ги заслужувале. Со чест на исклучоци, сметам дека не само што не ги заслужуваат, туку им се и преценети во однос на тоа колку испорачуваат правда“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека по изборите нема да има ниту политичка коректност, ниту правна толеранција за структурите кои функционираат како длабока држава и кои го штитат криминалот, а додаде и дека следуваат реформи кои ќе обезбедат правична држава и држава на народот без поделби и паралелни системи.
,,Клановската екипираност и нивните отворени релации ги направија да се ѕид на правдата и штит на криминалот на апаратот што го менуваме. Сакам да најавам дека после локалните избори нема да има ниту политичка коректност, ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот. Следуваат реформи за кои знам дека некои платени мегафони ќе паѓаат во несвест, но овој пат мора да не биде. Не може веќе правдата да чека, ниту да функционираме во две паралелни, нееднакви Македонии. Доаѓа времето на правда, а Македонија ќе биде само една, таа на народот, таква каква што ја заслужува. Има само една Македонија. Македонија на народот “, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

