Македонија
Мицкоски: Предвидени се 350 капитални проекти од општините, само во секторот транспорт
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска по извршениот надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани, одговарајќи на новинарско прашање колку проекти се предвидени од транспортот и инфраструктурата, при отпочнувањето на првата фаза за капитални проекти од општините, информираше дека вкупно 350 проекти се предвидени, вклучително со дополната којашто треба да се случи до средината на месец ноември. Средствата кои ќе бидат наменети само за секторот транспорт се повеќе од 2 милијарди денари.
„Во тотал со оние проекти кои очекуваме да бидат дополнети до кај 15 ноември, ќе ја заминеме бројката 350. Минус една општина којашто за жал конкурираше со проект кој е во фаза на изградба на избран изведувач и тука ние не можеме ништо да направиме. Жалам што така одлучи раководството на таа општина, градоначалникот.
Во секторот транспорт, мислам дека е повеќе од 2 милијарди денари. Мислам дека 2 милијарди и 400. Таму ќе има нови улици, водоводи, канализации, булевари навистина ќе биде нешто коешто досега не се случило. Епски проект, она коешто им е битно на граѓаните”, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот подвлече дека фокусот на Владата е да работи за интересот на граѓаните, не како што работеше претходната Влада, којашто го гледаше својот интерес.
„Наш интерес се граѓаните, ние работиме за нив. Не работиме како што работеше претходната разбојничка влада на СДСМ и ДУИ, да го гледаш својот интерес, па сега во опозиција ќе си пишуваме писменце, туку работиме за интересот на граѓаните. Тоа е она коешто е наш фокус ние не го губиме времето во пишување писменца, туку во работа и така и ќе продолжиме“, додаде премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

