Македонија
Мицкоски предлага Гаши наместо Ковачевски да биде мандатар на Владата
Бидејќи Пендаровски бара 61 потпис, да застанеме со 61 потпис позади името на Африм Гаши и тој наместо Димитар Ковачевски да биде идниот мандатар бидејќи велеше дека единствена причина заради која ја поддржува Владата е да не го кочи евро-атланскиот процес, кој гледаме дека е закочен, предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Покрај тоа гледам дека си најде и нова причина, а тоа е да ги реши економската и енергетската криза“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашања на тема Албанец премиер.
„Ние одговоривме дека ова не треба да се третира како етничко прашање, туку како прашање на компетенции и вештини и дека ние немаме никаков проблем да поддржиме ако е определена личност која ги поседува компетенциите и има план и визија да работи за доброто на сите граѓани.
Ако таквата личност биде предложена од нас како најголема партија во парламентот и ако биде Албанец, очекуваме ДУИ да го поддржи, но стигна реакција од ДУИ дека тие ќе поддржеле ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и предложи Албанец. Тоа можеме да го видиме ако се охрабрат и излезат на избори“, рече Мицкоски додавајќи дека неговиот предлог е можност за Гаши да се покаже, но и за ДУИ и Али Ахмети да го поддржат него наместо Ковачевски за мандатар на владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.
Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.
„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.
„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.
Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.
„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.
Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.
„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.
Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.
„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.
Македонија
Игор Џамбазов со емотивна порака за четиригодишнината од смртта на неговиот татко
Денес се навршуваат четири години од смртта на маестро Александар Џамбазов, а по тој повод неговиот син, актерот и музичар Игор Џамбазов, сподели длабоко лична и трогателна објава на социјалните мрежи, посветена на својот татко.
Во објавата, Џамбазов открива дел од интимната приказна за човекот кој, како што вели, бил „единствен примерок“, а чие присуство и денес го препознава во сопствениот одраз во огледалото. Текстот е извадок од неговата книга „Облечен човек“ и претставува искрено сведоштво за идентитетот, сенките и величината на еден маестро.
„Денес се навршуваат четири години од заминувањето на мојот татко Александар.
Ова е дел од приказната за него во мојата книга ‘Облечен човек’.
Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него. Особено кога имам на себе неколкудневна брада, јас и изгледам исто како него. И тоа е можно.
До својата 50-та година личев на примероците од ‘велешката сорта’, а оттогаш па наваму, со невидена брзина станувам примерок на ‘штипската крв’.
Татко ми Џамбаз е човек што вреди да го имаш за татко. Единствен примерок.
Татко ми Џамбаз целиот свој живот се жали дека никогаш не бил свој. Секогаш бил во нечија сенка. Се разбира дека тоа не е така.
‘Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?’
Ти си маестро, маестро мој.“

