Македонија
Мицкоски: Работничките права се погазени, постојат масовни отпуштања
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на сите граѓани им го честита Меѓународниот ден на трудот- 1 Мај.
„Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ го честитам Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај со надеж дека работниците ќе го добијат заслуженото вреднување и уважување. Овој ден е симбол на борбата за работничките права и на изразувањето работничка солидарност. Денес, за жал, голем број граѓани во државата не можат да го остварат едно од нивните основни права, правото на работа, право на плата и пристоен живот. Работничките права се погазени, се обезвреднува и нарушува нивното достоинство. Политиките на владата практично го обезвреднуваат трудот на работникот кој се чувствува незаштитен. Доказ за ова е и последната изјава на министерката за финансии каде всушност рецептот за задржувaњето на бизниси посочи дека е преку отпуштање на работници.
Тоа ќе значи десетици илјади нови невработени и десетици илјади семејства во сиромаштија. Никогаш состојбата со работничките права не била полоша. Постојат масовни отпуштања, за сметка на вработувања на некомпетентни партиски кадри на местото на способните, мобинг и заплашување кон работниците кое поминува неказнето. Работникот мора да го добие потребното внимание.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува, сите одговорни субјекти во државата, пред сé, Владата да ги почитуваат материјално-социјалните права на вработените утврдени во Уставот на Република Македонија, законите и колективните договори, и да придонесуваат за нивно унапредување, користејќи ги механизмите на социјалниот дијалог, колективното преговарање и договарање. Само така ќе градиме современа, демократска, социјална и правна држава.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори против негативните политики на владата, се со цел подобрување на заштитата на работничките права, подобрување на социјалниот статус на работникот во Македонија и обезбедување на негов подобар стандард. Честит ден на трудот – 1 Мај“ напиша во честитката Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

