Македонија
Мицкоски: Референдум мора да има, реалноста што ќе ја изберат граѓаните ќе треба да се прифати
Време е Владата и претседателот, кои се плашат да го поддржат референдумот, да не го опструираат преку Талат Џафери во парламентот. Тие треба да дозволат најпрвин да се соберат тие 150.000 граѓански потписи, а потоа и да се оди на референдум, каде што граѓаните ќе може да си ја искажат својата волја, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општината Сопиште.
Мицкоски додаде дека реалноста што ќе ја изберат граѓаните ќе треба да се прифати.
„Ги повикувам да се охрабрат и да излезат и да поддржат едно вакво референдумско изјаснување“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека добрососедските односи се прв приоритет на партијата и на Македонија, но во самиот договор за добрососедство и пријателство нема ништо добрососедски, нити пријателски односи во изминатите две и пол-три години од страна на источниот сосед.
„Јас меѓународната заедница ја почитувам, го почитувам мислењето и немам ништо против тоа што доаѓа како официјална позиција на Берлин, Вашингтон, Париз, Лондон, Брисел итн. Но, имам против тоа што доаѓа како официјална позиција на Софија затоа што таа позиција не е нити добрососедска нити пријателска. И затоа да бидеме на сигурната страна, да бидеме овој пат самите ние што ќе одлучуваме, а не да веруваме на зборови, самите ние што ќе одлучуваве за својата иднина, повикувам на референдум“, појасни Мицкоски.
„Ние пред да дојдеме на позиција да зборуваме за референдум ги гледавме сите можности како да го напуштиме овој хегемониски и асимилаторски договор, кој, секако, не е како што му е името – добрососедски и договор за пријателство. Постојат две опции, едната е Владата без референдум да го напушти преку министерот за надворешни работи, а тоа нема да се случи. Знаеме дека оваа Влада тоа не може да го направи. И втората е со граѓаните на референдум и затоа одлучивме да влеземе во оваа постапка на референдум. Претходно, правевме многу анкети, многу мерења на јавното мислење и од тие анкети можеме да заклучиме дека огромен процент од граѓаните, и тоа повеќе од 60 % од Македонците и повеќе од 50 % од граѓаните, се изјаснија дека поддржуваат референдум и дека би излегле на таков референдум да гласаат“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека анкетите и јавното мислење на граѓаните е доволна навигација за ВМРО-ДПМНЕ. И за тоа се одлучи да се оди чекор понатаму, а тоа е осмислување прашање каде што ќе не може, ако ги следи законите и собраниските процедури, Талат Џафери да го избегне со образложение дека Собранието не е надлежно итн.
„И денеска, колку што сум информиран, иницијативата, граѓанската иницијатива што ја предлагам, јас го ополномоштив претходно координаторот на пратеничката група, да ја достави до спикерот. Следен чекор е тој да ги информира двете собраниски комисии, Комисијата за политички систем и Законодавно-правна комисијата, очекувам во рок од два дена и тие да се произнесат дека иницијативата е уредна, да се гласа и да почнеме да ги собираме тие 150.000 граѓански потписи. И, нормално, во рок од 60 до 90 дена потоа да се одржи и тој референдум на кој граѓаните ќе може да се изјаснат. И тоа е врв на демократското право и врв на демократијата. Не би гледал зошто би бил некој од меѓународната заедница против едно такво изјаснување“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

